На денешен ден

denesen_den_345345
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

25 јуни 2023







 

– Денеска е Ден на телесните инвалиди на Македонија

 

1867.- Американецот Лисјен Смит ја патентирал бодликавата жица.

 

1903.- Роден е англискиот писател Џорџ Орвел (вистинското име му е Ерик Артур Блер). Дела: романите „1984“, „Животинска фарма“, „Бурмански денови“, „Никој и ништо во Париз и Лондон“, есеите „Критички есеи“, „Лов на слонови“, „Англија, ваша Англија“, книга за Шпанската граѓанска војна „На Каталонија со љубов“.

 

1905.- Меѓу селата Куклица и Пендаќ, триилјадна турска војска и жандармерија ја опколила четата од 13 борци на македонскиот војвода Атанас Бабата (А. Димитров). Се развила жестока борба. Кога ја привршила муницијата борците ја изгореле архивата на четата, ги искршиле пушките и револверите, извикувајќи „Да живее слободна Македонија“ и се самоубиле. Атанас Бабата е еден од првите членови на ТМОРО (1897-1905). Работел во повеќе од 16 реони, а бил раководител на околу 40 борбени акции. За време на Илинденското востание од 1903 година дејствувал во Кратовско. Атанас Бабата бил роден во село Санитово, Пазарџиско, во 1875 година.

 

1906.- По една акција на четата на војводата Ѓорѓи Ацев кај селото Крапа, кај Македонски Брод, против една великосрпска платеничка чета, војводата бил ранет, а за да не биде

заробен, се самоубил. Тој бил брат на познатите македонски војводи Мирче и Петар Ацев. Роден бил во селото Ораовец, Прилепско, во 1883 или 1884 година.

 

1920.- Градот Хаг, во Холандија, бил избран за седиште на Меѓународниот суд на правдата.

1934.- Во селото Слоештица, Демирхисарско е роден Петре М. Андреевски, македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор. Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Студирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Работел во Македонската телевизија. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Андреевски бил член на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија на чие чело бил еден мандат. Творештвото на Андреевски опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски итн. Во два наврати (1984 и 2002 година) биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома. Најпознати дела: „Јазли“, „И на небо и на земја“, „Дениција“, „Дални наковални“, „Пофалби и поплаки“, „Вечна куќа“, „Седмиот ден“, „Неверни години“, „Сите лица на смртта“, „Пиреј“, „Скакулци“, „Небеска Тимјановна“, „Последните селани“, „Тунел“ и други. Бил добитник на наградите: „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“ и „Стале Попов“. Постхумно му бил доделен Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност. Починал на 25 септември 2006 година, а бил погребан во родното село.

 

1956.- Роден е Борис Трајковски, вториот по ред претседател на Република Македонија (од 15 декември 1999 година, до 26 февруари 2004 година). Трајковски дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот „Светите Кирил и Методиј“ во Скопје. Од крајот на 1998 година бил заменик-министер за надворешни работи на Република Македонија во Владата на Љубчо Георгиевски. Учествувал на многубројни меѓународни конференции на тема разрешување на конфликти, религиозна толерантност, религиозна слобода, а бил и претседател на Младинската организација на Обединетата методистичка црква во Југославија повеќе од 12 години. Борис Трајковски трагично умрел на 26 февруари 2004 година во авионската несреќа што се случи во планински предел во близина на Мостар. На пат кон Сараево во истиот авион патувале вкупно девет членови на неговиот кабинет и сите трагично ги загубиле животите. И покрај неколку домашни и меѓународни истраги причините за трагичната авионска несреќа се уште докрај не се расветлени.

 

1978.- Во Оклахома, гратче недалеку од Манчестер, во Англија, е родена Луси Браун – првото дете „зачнато“ во епрувета, вештачки оплодено со составување на мајчината јајце-клетка со татковото семе.

 

1984.- Во Париз умрел Мишел Фуко, прочуен француски мислител и еден од најеминентните светски филозофи. Роден бил во 1926 година.

 

1991.- Ден на државноста на Република Словенија.

 

1991.- Последните советски единици стационирани во Чехословачка ја напуштиле оваа земја, 23 години по воената интервенција на Варшавскиот пакт со која била соборена власта на раководството под водство на Александар Дубчек.

 

1992.- Литванија ја признала Република Македонија.

 

1996.- Република Македонија и Катар воспоставиле дипломатски односи.

 

2007.- Британските војници по 37 години се повлекле од јужните подрачја на Северна Ирска на границата со Република Ирска, кои со децении важеле за клучна база на Ирската републиканска армија (ИРА). Во текот на 37-годишното засилено присуство на британската војска во Северна Ирска загинале 763 војници и околу 3.500 граѓани.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK