Вкупно 25 возачи биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на различни локации низ државата поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Од приведените, 12 лица управувале моторно возило без положен возачки испит, 11 возеле под дејство на алкохол, а двајца управувале возило и покрај тоа што имале активна забрана за управување.
Меѓу лицата затекнати како возат без положен возачки испит има и малолетници на возраст од 16 и 17 години од Скопје, како и уште еден малолетник од Кочани. Полицијата лишила од слобода и повеќе полнолетни лица од Скопје и околните населени места, како и од други градови во државата.
Под дејство на алкохол биле затекнати возачи од Скопје, Радовиш, Штип, Прилеп, Неготино, Гевгелија и околните населени места. Двајцата возачи кои управувале возило за време на изречена забрана се од Делчево и Битола.
По целосно документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не управуваат возило без положен возачки испит, за време на активна забрана или под дејство на алкохол, со цел заеднички да придонесат за поголема безбедност на патиштата.