Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски и претседателот на Занаетчиската комора Агрон Фазлији денеска потпишаа Меморандум за соработка со цел туристичка промоција на традиционалните занаети.
-Преку одржувањето на традиционалните занаети, занаетчиите придонесуваат кон славење на традицијата и зачувување на културното наследство, но важен сегмент е и поттикнување на економскиот развој на земјава, истакна директорот Јаневски, пренесува во соопштение АППТМ.
Тој посочи дека традиционалните занаети треба да бидат дел од туристичките посети, каде туристите ќе имаат можност да погледнат како се изработуваат одредени ракотворби, да споделат искуства и да купат рачно изработени предмети.
Исто така, информира АППТ, со потпишување на овој Меморандум ќе се работи на зацрстување на соработката преку заедничко делување, подобрување на квалитетот на производите и услугите на занаетчиите, презентација и промоција на занаетчиските производи и услуги во земјата и странство преку организирање на зеднички презентации со заедничко учество на саемски манифестации.
-Страните потписнички ќе воспостават поволна рамка за заедничко инвестирање во областа на туризмот и занаетчиството, преку поддршка и давање препораки, проширување на мрежата на соработка со други институции, како и меѓусебно информирање за постигнатите резултати произлезени од овие две гранки, соопшти АППТ.