Светски признатиот експерт за иновации, проф. Џон Бесант, гостува на Економскиот факултет – Скопје


Screenshot
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на 19 ноември 2026 година ќе биде домаќин на проф. Џон Бесант (John Bessant), еден од водечките светски авторитети во областа на иновациите, претприемништвото и управувањето со иновациските процеси.

Проф. Бесант е почесен професор (Professor Emeritus) на Универзитетот во Ексетер, Велика Британија, со повеќе од четири децении истражувачко и практично искуство. Тој е коавтор на Managing Innovation, едно од најпознатите и најкористени дела во областа на менаџментот на иновации, а во својата кариера соработувал со бројни меѓународни организации, меѓу кои Обединетите нации, Светската банка и OECD.


Во текот на еднодневната работилница, учесниците во проектот ќе имаат исклучителна можност директно да учат и да разменат искуства со еден од највлијателните истражувачи во оваа област. Преку интерактивни сесии ќе се дискутира за значењето на иновациите, препознавањето нови можности, патот од идеја до реализација и начините на кои организациите можат систематски да ги развиваат и управуваат своите иновациски процеси.

Покрај работилницата, ќе биде организиран и отворен настан за алумни заедницата на Факултетот и пошироката заинтересирана јавност, овозможувајќи пристап до современи меѓународни знаења и перспективи за иновациите и конкурентноста.

Гостувањето на проф. Бесант е уште една потврда за стратешката определба на Економскиот факултет – Скопје за меѓународна соработка, поврзување на академската заедница со бизнис-секторот и создавање можности за пренос на врвни светски знаења во домашната економија. Преку учеството во европски и меѓународни проекти и соработката со реномирани академски и институционални партнери, Факултетот континуирано ја зајакнува својата меѓународна препознатливост.

Овие активности се надоврзуваат и на заложбите за унапредување на квалитетот и тековниот процес за стекнување меѓународна AACSB акредитација, како дел од долгорочната визија на Факултетот за современо, меѓународно конкурентно и општествено релевантно високо образование.

Неговото гостување се реализира во рамките на европскиот проект USE IPM – Up-skilling Researchers for Sustainable Entrepreneurship based on Innovation Process Management, финансиран преку програмата Horizon Europe на Европската Унија, во кој Економскиот факултет – Скопје е партнер.

Локација:              Економски Факултет – Скопје

Дата:                          19.11.2026

Час:                             09.00 часот

Котизација:        Отворен влез – со ограничен број на места

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK