Првото рочиште за новиот стечај на кавадаречки „Еуроникел“ е закажано за в петок, втори февруари. Освен компанија доверител од Прилеп, која поднела барање за стечај за долг од 10.000 евра, минатата недела барање поднесе и Синдикатот на „Еуроникел индустри“ за долг од 3 неисплатени плати на варботените. Иницијативата од Синдикатот доаѓа откако сопственикот на фабриката, швајцарскиот фонд ГСОЛ (GSOL) ги остави без плата три месеци, а ниту ги прогласи технолошки вишок за да добијат отпремнини, ниту, пак, ги одјави од Заводот за вработување за да можат како невработени да добијат здравствено осигурување. Претседателот на Синдикатот на „Еуроникел“ Миле Ѓорѓиев минатата недела рече дека се лекуваат со ракија оти здравствено осигурување немаат од почетокот на месецов
„Макфакс“ минатата недела побара објаснување за состојбата од швајцарски ГСОЛ, од Комерцијална банка, која го презема имотот на фабриката и од претседателот на Синдикатот. ГСОЛ до денес не одговори на нашите прашања, како и претседателот Ѓорѓиев, а Комерцијална банка, место одговори на конкретните прашањата од „Макфакс“ испрати соопштение до сите медиуми во кое го повтори она што веќе два месеци го кажува – дека се во тек преговори со моќни странски и домашни компании, без да кажат кои се тие, иако јавноста веќе подолго време шпекулира со нивните имиња, дека стечајот не ја загрозува продажбата на имотот, дека работници секако ќе бидат потребни, но никој не кажува ни кој, ни кога повторно ќе ја стартува фабриката и кога повторно вработените ќе се вратат на работните места, ако воопшто се вратат.
Слични се ставовите и на вработените кои коментираат по социјалните мрежи и велат дека со месеци се пласираат исти приказни, а всушност секој си го гледа само својот интерес и никому не му е гајле за вработените што останаа и без плата и без работа.
На сличен пат се и вработените во фабриката „Фалкондо“ во Доминиканската Република, сопственост на истите газди. Таму, откако под притисок на власта на вработените кои седат дома им се исплати 13 плата и дел од јануарската плата, сега ГСОЛ најавува раскинување на договорите на сите вработени. За фабриката во Кавадарци, банката бара нов инвеститор, а пак за фабриката во Доминикана, газдите најавуваат дека се бара нов партнер, но медиумите објавуваат дека компанијата има и судска забрана од Англискиот суд откако било објавено дека се бара партнер за купување на финалниот производ и обезбедување на финансирање.
Информациите во тамошните медиуми се дека фабриката е презадолжена и дека долговите кон доверителите изнесуваат над 100 милиони долари, а минатата недела беше објавено дека една од банките доверители (Лафисе банка) запленила резервоари за гас кои биле под залог за наплата на долг, а без низ фабриката не може да работи.
Синдикалните преставници во „Фалкондо“ предупредуваат дека заради ваквата ситуација, протести се сé поизвесни и дека фактот што досега се уште нема немили сцени е благодарение на синдикалните лидери кои се обидуваат да поддржат мирно решение.
И медиумите во Доминиканската Република информираат за состојбите во кавадаречката фабрика која припаѓа на истите газди, прават споредба и заклучуваат дека сличноста во состојбите во двете фабрики е очигледна.