Пратениците Диме Велковски, претседател на Комисијата за економски прашања и Тони Јаревски, член на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Северна Македонија учествуваа на Работилница за Регулативата за воспоставување на механизам за прилагодување на границите на (емисиите) на јаглеродот и состанок на парламентарниот Пленум на Енергетската заедница посветен на нерешените клучни прашања на полето на енергијата и транзицијата во организација на Секретаријатот на Енергетската заедница кои се одржаа на 23 мај 2023 година, во Брисел, во Европскиот парламент.
Покрај делегација од Собранието, учествуваа и претставници од националните парламенти на договорните страни на Енергетската заедница, членови на Комисијата за Индустрија, истражување и енергија на Европскиот парламент, претставници од Секретаријатот на Енергетската заедница и Европската Комисија.
На работилницата беше презентиран механизмот за прилагодување на границите на (емисиите) на јаглеродот кој претставува мерка за намалување на штетните емисии во воздухот. Предвидено е да започне со примена од 1 октомври 2023 година и да има транзиционен период до 1 јануари 2026 година кога ќе започне неговата целосна примена во пракса. Со овој механизам се планира воведување на данок на увоз за увозот во ЕУ на електрична енергија, цемент, алуминиум, ѓубриво, производи од челик и железо во зависност од содржината на емисија на јаглерод диоксид во овие производи. Предвидено е данокот да се плаќа од страна на увозниците од земјите членки на ЕУ за производи кои не потекнуваат од ЕУ, додека земјите членки на ЕФТА ќе бидат исклучени од обврската бидејќи имаат слични таргети и применуваат политики на намалување на емисијата на стакленички гасови слични на земјите членки на ЕУ.
На состанокот беше истакната потребата од користење на нови извори на енергија и спроведувањње на зелена транзиција во насока на намалување на зависноста од увозот на енергенси од Руската Федерација, значителни инвестиции во енергетската инфраструктура и енергетско поврзување помеѓу земјите членки на ЕУ и договорните страни на Енергетската заедница. Од страна на директорот на Секретаријатот на Енергетската Заедница, Артур Лорковски беше презентиран поединечно напредокот во енергетскиот сектор на Договорните страни на Енергетската Заедница.
Пратеникот Диме Велковски истакна дека позитивна страна од појавата на енергетската криза и драстичниот раст на цените на електричната енергија е зголемување на свеста кај домашните компании и домаќинства од потребата за вложување во обновливи извори на енергија за производство на електрична енергија за задоволување на своите потреби. Во периодот јануари-април 2023 година
Регулаторната комисија за енергетика има издадено лиценци за 161 фото електрични централи со моќност од 54,8 MW. Во периодот јануари 2022 година до април 2023 година на мрежата се вклучени нови капацитети од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од 207 MW. Големи очекувања има и од реализација на проектот изградба на хидроцентралата Чебрен со планирана моќност од преку 330 мегават часови.
РС Македонија нема сопствени извори на гас и целокупното количество го обезбедува од увоз преку единствениот интерконективен гасовод со Република Бугарија при што гасот се увезува од Русија. Во насока на диверзификација на изворите во снабдувањето со гас, РС Македонија пристапи кон проектот за изградба на терминалот за течен гас во Александруполи, Република Грција и во него ќе учествува со 10% од акциите на гасниот терминал.
Во наредниот период поголемо внимание и инвестиции треба да се посветат на учеството на обновливите извори на енергија во транспортот. Иако, Предлог законот за биогорива во транспортот е подготвен, истиот се уште не е доставен до Собранието и донесен.
РС Македонија подготви и достави до Секретаријатот на Енергетската Заедница Национален план за енергија и клима (НПЕК), кој го покрива периодот од 2021 до 2030 година и го пропишува патот за остварување на целите до 2030 година во делот на декарбонизација, енергетска ефикасност, безбедност во снабдувањето со енергија. Стратегијата за енергетика до 2040 година која беше донесена во 2019 година има разработено Зелено сценарио според кое до 2030 година инвестициите во обновливи извори на енергија ќе придонесат нивниот удел во бруто финалната потрошувачка на енергија да се зголеми на 30%, што истовремено ќе придонесе и за намалување на емисиите на стакленички гасови за 55% во споредба со 1990 година.
Во 2020 година донесен е Законот за енергетска ефикасност и со него е предвидено и формирање на Фонд за енергетска ефикасност. Овој Фонд се очекува да започне да функционира во месец октомври 2023 година и во почетокот ќе биде наменет само за јавни згради (објекти).
Подготвен е и Нацрт закон за климатска акција кој беше разгледан од неформалната зелена парламентарна група во Собранието на РС Македонија и истиот треба да биде донесен во 2023 година и да почне да се применува од 1 јануари 2024 година. Со овој закон се уредува воспоставувањето на рамка за климатска акција за намалување на емисиите на стакленички гасови во атмосферата како и адаптација кон климатските промени. Една од основните цели на овој закон е придонес кон зголемување на напорите за зајакнување на глобалниот одговор кон заканата од климатските промени, согласно долгорочната цел на Договорот од Париз, како и поддршка на заложбите за климатска неутрална Европа. 23 мај 2023 година
СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА