Анета Крстевска: Родовата финансиска инклузија помага да се мобилизира расположливиот развоен потенцијал на економијата

krstevska
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Првата национална стратегија за финансиска едукација и инклузија 2021 ‒ 2025, донесена од Народната банка заедно со другите финансиски регулатори, ги открива јазовите во финансиската едукација и инклузија од различни аспекти, а меѓу нив и родовиот јаз. Воедно предвидува и мерки за справување со нив, истакна главната економистка на Народната банка, Анета Крстевска, на панел-дискусија во рамки на денешниот настан на којшто беше промовирана студијата на Европската банка за обнова и развој за реформи на инвестициската клима за родова одговорност/респонзивност (GRICA) во Северна Македонија.







Според последното мерење на ИНФЕ-ОЕЦД, кај познавањето на финансиите жените имаат 53 проценти, а мажите 59 проценти од вкупните бодови, со што родовиот јаз изнесува 6 процентни поени (наспроти просекот од 4 процентни поени во регионот). Поаѓајќи од фактот дека финансиската едукација е еден од предусловите за поголема финансиска инклузија, во Стратегијата е предвидено осмислување посебни обуки за жените претприемачки. Во просек, во периодот 2019 ‒ 2022 година, на едукативните предавања на Народната банка одржани за време на Деновите на финансиска едукација, врз основа на јавен повик до сите заинтересирани лица, преовладува учеството на женската популација со 61 процент, што секако е во полза на стеснување на родовиот јаз кај познавањето на финансиите и подобро мобилизирање на расположливиот развоен потенцијал на економијата.

Од Народната банка информираат дека вложуваат силни напори за поддршка на родовата еднаквост во светот на финансиите, со промовирање и градење еднакви можности за жените и мажите и создавање инклузивен финансиски систем.

Централната банка, според Индексот на родова еднаквост во финансиските институции на Британскиот официјален форум на монетарни и финансиски институции ОМФИФ, е лидер во светот по застапеноста на жените во раководната структура, посветува особено внимание на зголемувањето на финансиската писменост кај жените преку зголемување на нивните знаења и вештини од областа на финансиите. НБ веќе располага со одредени податоци за финансиска инклузија според родова структура и најавува дека ќе работи на натамошно подобрување на статистиките од родов аспект, како основа за носење одлуки, заради обезбедување поповолна деловна клима од родов аспект.

Презентираната студија на ЕБРД содржи анализа на факторите коишто влијаат врз инвестициската клима од родова перспектива, а воедно дава поддршка и насоки за понатамошните реформи со цел инвестициската клима во Северна Македонија да стане родово одговорна.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK