На 30 јануари 2024 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот беше одлучено каматните стапки да останат исти. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари. На седницата беше оценето дека тековното ниво на каматните стапки е соодветно на условите во економијата и заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и со преземените макропрудентни мерки, ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс, известуваат од Народната банка.
Во услови на поволен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлациските очекувања и инфлацијата на потрајна основа, а имајќи ги предвид ризиците. Имено, домашната инфлација во декември 2023 година изнесува 3,6% на годишно ниво, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории, во согласност и со преземените монетарни мерки. Во услови на слични движења на инфлацијата кај нас и во еврозоната, разликата во годишните стапки е мала. Поумерени се и инфлациските очекувања на потрошувачите искажани во декемвриските анкети на Европската комисија. Просечната домашна стапка на инфлација се сведе на 9,4% во 2023 година, во согласност со очекуваната стапка од 9,5%. Сепак, нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат, за што придонесуваат неизвесноста од движењето на цените на светските берзи, но и одредени домашни фактори. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во јануари повторно беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на декември изнесува 4.538,5 милиони евра, што според меѓународните стандарди и показателите коишто се следат, е соодветно ниво за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во текот на изминатата година, девизните резерви забележаа раст, којшто ги надмина очекувањата и главно е резултат на релативно високите интервенции на Народната банка за нето-откуп на вишокот девизни средства од банкарскиот систем. Поволните поместувања на девизниот пазар се резултат на намалените притисоци од енергетската криза, а со тоа и помалата побарувачка од страна на фирмите, зголемената понуда на девизи од физичките лица како сигнал за доверба во домашната валута, како и општо добрата девизна ликвидност на банките. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор за периодот октомври − ноември 2023 година, тие засега упатуваат на малку понизок трговски дефицит за последниот квартал од годината од очекувањата според октомвриската проекција, а поповолни се остварувањата и на менувачкиот пазар заклучно со декември 2023 година, соопшти Народната банка.
Во третиот квартал од 2023 година, реалниот раст на БДП изнесува 1,2% на годишна основа, што е во согласност со октомврискиот циклус проекции (раст од 1,1%). Високофреквентните податоци за периодот октомври ‒ ноември 2023 година засега се во склад со очекувањата за забрзување на растот на економската активност во последниот квартал од годината. Така, во овој период се забележува реален раст на индустриското производство, прометот во вкупната трговија и градежништвото, по падот во претходниот квартал, додека кај реалниот промет во угостителството се забележува забрзување на годишниот раст. Во однос на ризиците за растот, тие и за следниот период се претежно надолни и се поврзани пред сѐ со зголемените геополитички тензии.
Во монетарниот сектор, според податоците заклучно со декември 2023 година, депозитниот потенцијал на банките расте малку посилно од очекувањата, со стапка од 9,1%, а кредитната поддршка на приватниот сектор и натаму расте, но поумерено и изнесува 5,1%.
Општо земено, клучните макроекономски показатели упатуваат на остварувања коишто се во согласност со очекувањата. Сепак, условите за водење на монетарната политика сѐ уште се неизвесни и налагаат натамошно внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата и инфлациските очекувања и претпазливост во водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, се додава во соопштението на НБ.