Фестивалот „ЛилаЛо“ и лилањето во Лозница, спој на традиција и атрактивна туристичка понуда

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Меѓу Србите за празникот Петровден постои обичај на палење на „Лилите“ кои се прават од млада кора од дива цреша или бреза на стапче од лешник. Овој вековен народен обичај во регионот на Лозница живее и денес. Лилите се палат со големи ритуални огнови и тоа обично се прави на места каде што се собираат луѓе, на плоштади, крстосници. Лилањето има и хедонистички и забавен карактер, бидејќи по тој повод учесниците се веселат со народни песна и танци. Самиот настан на палење на лилите е сценски спектакл, визуелен впечаток на игра со пламен.







Големиот српски филолог, преродбеник и реформатор на кирилицата Вук Караџиќ има запишано дека „Лилите се она што се лупи од кора од бреза или цреша, а бидејќи лилата има смола и може да гори како светло“. Затоа и обичајот на лилање е запишан во националниот регистар на нематеријалното културно наследство на Србија.

Современиот пристап кон традицијата се повеќе станува нов идентитет на локалната заедница, но и привлечна туристичка понуда, како што е фестивалот „ЛилаЛо“ кој е автентичен за градот Лозница и Подрињскиот регион.

Традицијата на Лозница и лилањето се поврзува со Вук Стефановиќ Караџиќ кој родум е од блиското место Тршиќ. Тршиќ сега е културно-историско место каде се слави неговото дело, туристичка атракција која покрај едукативен има и музичко-сценски карактер. Крај Тршиќ е и манастирот Троноша од 13 век, местото каде во 18 век Вук Караџиќ учеел и ги совладаал првите чекори во азбуката, каде го започнал патот на голем реформатор на кирилцата, на правописот и граматиката на српскиот јазик. Според него е и името на Вуковата азбука. За ова сведочи и музејот во самиот манастир.

Во близина на Троноша е етно селото „Азбука“, внимателно избрана локација које е посветена на желбата трајно да се обележи и оживее споменот на Вук Стефановиќ Караџиќ, но и на големата љубов кон природата и животните.

Дизајниран за да ги врати своите гости во контакт со природата, етно комплексот „Азбука“ е изграден во традиционален стил со модерни постулати, така што со амбиентот на старите времиња можете да уживате во сите удобности на 21-от век. Селото е составено од неколку каскадни нивоа, опкружено со ридови, поток и шума во целосното богатство, а има и богата автентична гастрономска понуда.

Од повеќето етно села во околината на Лозница би го споменале и етно селото Сончева река кое се наоѓа на десниот брег на реката Дрина, на границата со БиХ. Етно селото Сончева река обезбедува единствена оаза за одмор, релаксација, спорт и рекреација што им е потребна на луѓето кои се оптоварени со секојдневни обврски, забрзано темпо на живот, кои се изложени на стрес и немаат доволно време да се посветат на себе и нивните семејства.

Кога во доцните 60-ти години познатиот американски актер Роберт Де Ниро патувал автостоп низ Србија, патот го довел до бреговите на реката Дрина, во Бања Ковиљача, во близина на етно селото „Сончева река“. Тој ја поминал ноќта покрај реката Дрина. Реката Дрина му оставила голем впечаток и сеќавајќи се на уникатната и неповторлива река, тој и дал име на својата ќерка, Дрина. Како знак на благодарност што ја претставил Дрина на светот во најдобро светло, во ова етно село една од населбите го носи името на Роберт де Ниро.

Спојот на традицијата и туристичката понуда на Лозница неможе да се долови без блиската Бања Ковиљача крај реката Дрина.

Таа е една од најубавите и најлековити бањи на Балканот, со богати извори на вода со сулфур, лековита кал, поволни климатски услови, како и бројни културно-историски споменици кои се неодолив предизвик за сите видови туризам.

Бањата Ковиљача е целосно изградена во текот на 20-те и 30-те години на минатиот век. Изградени се луксузни хотели и вили, а паркот што ги поврзува бањските објекти е прекрасно уреден. Нашироко познатиот „Кур-салон“, дворец изграден во 1932 година, е место на главната забава и тука е отворено првото казино на Балканот. Тој плени со својата убавина, а богатиот ентериер сè уште го носи духот на минатото.

Завршувајќи ја посетата на фестивалот „Лилало“ и богатата туристичка презентација на Лозница, во самрак се упативме во градот каде во исто време се запалија огнови и започна обичајот на Лилање, по улиците, дворовите, речиси на целата територија на градот.

Нашиот домаќин, познатиот новинар и туристички работник од Здружението на туристички новинари на Србија, Радмило Бумбер ни го опиша целиот обичај.

– Лилање е палење на факели кои се прават од млада кора од дива цреша или бреза на стапче од лешник. Тоа служи за чистење од вештици, вампири, ѓаволот, временските непогоди и сето останато. На Петровден кога е најтопол ден во годината, во Србија постои обичај да се запалат Лилите, по што доаѓаат петровките јаболки. Лилите и вилите, доаѓаат сите оние млади и весели, а оние лошите си одат. Ова е еден убав обичај кој прераснува во меѓународна манифестација и јас ве поканувам од Македонија следната година да дојдете на 10 јули на Лилање во преубавата Лоница, ни кажа Бумбер.

Оливер Бранковиќ

Фото: Андреј Бранковиќ

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK