Што е потребно за еден македонски бренд да ја надрасне големината на пазарот од кој доаѓа? Како компаниите да станат поконкурентни, а можностите што ги отвораат европските пазари да ги претворат во реален раст? Ова се дел од прашањата што ќе ги отвори „Бизнис Арена 2026“, на 14 октомври во DoubleTree by Hilton Skopje, со домашни и меѓународни говорници и искуства од различни пазари.
Првите откриени теми веќе го најавуваат фокусот на годинашната програма – како да се градат посилни компании и брендови дома, но и како тие да станат подготвени за раст и конкуренција надвор од домашниот пазар. Во фокусот се брендот и идентитетот, лидерството и корпоративната култура, но и европските процеси, конкурентноста и новите можности за македонските компании.
За тоа што може да биде македонската предност на глобалниот пазар ќе зборува Горан Поповски, претседател на Global Land Vehicles at Dometic, во Brand Talk сесијата „The Macedonian Advantage – Од идентитет до глобален бренд“. Преку искуства и примери, темата ќе го отвори прашањето како идентитетот и она што една компанија го прави поинаку можат да станат основа за градење бренд со меѓународна вредност.
Од друга страна, Хенрик Исаксон, директор за трговска политика во Confederation of Swedish Enterprise, ќе донесе актуелна европска перспектива. Проширувањето на Европската Унија ќе се разгледува низ призмата на бизнисот, што значи за трговијата, инвестициите и растот и каде во тие промени се отвора простор за компаниите од земјите кандидати.
Но, можностите на поголемите пазари неизбежно го отвораат и прашањето колку домашната бизнис средина е подготвена да создава компании што можат да ги искористат. Тука разговорот ќе ги спои перспективите на институциите, меѓународните организации и приватниот сектор, но ќе погледне и зад самиот бренд, кон луѓето, вредностите, културата и лидерството што стојат зад неговите резултати.
На сцената ќе се сретнат Кристин Мелсом, амбасадорка на Кралството Норвешка за Србија, Северна Македонија и Црна Гора, Ема Гарет од SCC Arbitration Institute и Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, како и претставници на домашната бизнис-заедница, Даница Блажеска од Рептил Маркети, Борис Дабески од Кораб Трница, Робин Зимбаков од Солопром и Дане Кузмановски од Matto Napoletano.

Со ваков спој на домашни искуства и меѓународни перспективи, „Бизнис Арена 2026“ го насочува разговорот кон прашањата што денес се клучни за македонскиот бизнис, како да расте, како да остане конкурентен и како посигурно да го најде своето место на европските и меѓународните пазари.
Покрај програмата на главната сцена, конференцијата ќе создаде простор и за директно поврзување меѓу учесниците, размена на искуства и отворање нови деловни контакти. Со тоа, „Бизнис Арена 2026“ ја гради својата улога не само како место за разговор за иднината на македонскиот бизнис, туку и како место каде можат да започнат нови соработки и деловни можности.