АД ЕСМ потпиша договор со косовски KEK за снабдување со јаглен во наредните три години


esm.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

АД ЕСМ потпиша стратешки договор со KEK со кој се овозможува сигурно и континуирано снабдување со висококвалитетен јаглен во наредните три години, соопшти компанијата.


По интензивни преговори помеѓу двете најголеми државни компании и врз основа на Одлука на Владата, АД ЕСМ склучи тригодишен стратешки договор со косовската државна енергетска корпорација КЕК со кој АД ЕСМ доби концесија во рудникот во Обилиќ и можност за експлоатација на околу три милиони тони јаглен во наредните 36 месеци. Договорот официјално го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, и генералниот директор на КЕК, Грамос Хашани.

Партнерството предвидува гарантирана и фиксна цена од 24,4 евра по тон јаглен за времетраење на договорот, со точно дефинирани параметри за квалитет кои ќе бидат основа за купопродажба. Загарантираните количини и договорната цена, ќе овозможат директна заштита на домашниот енергетски систем од недостаток на квалитетен јаглен за генерирање на електрична енергија во термоелектраните, но и заштита од неизбежните чести и драстични осцилации на цените на енергенсите на меѓународните берзи. Дополнително, тоа ќе ѝ овозможи на Компанијата огромни финансиски заштеди со набавка на јаглен по најповолна можна цена и со супериорни карактеристики во однос на сите досегашни набавки.

Согорувањето на косовскиот јаглен значително ќе ја зголеми ефикасноста на термоелектраните. Ова директно ќе донесе дополнително годишно производство од 800 GWh електрична енергија и приход од околу 57 милиони евра. Финансискиот ефект дополнително ќе се подобри со заштедите од намалената потреба за користење мазут при согорувањето. Воедно, државата ќе оствари и индиректни еколошки придобивки и финансиски заштеди, со годишно намалување на CO2 емисиите за 923.000 тони поради помалку согорен јаглен и за уште 55.980 тони поради намалената употреба на мазут.

Имајќи во предвид дека околу 70% од вкупното годишно производство на електрична енергија, во моментов, но и во наредните три години ќе ни доаѓа од термоелектраните, со потпишувањето на договорот, АД ЕСМ обезбедува релативно долгорочна енергетската безбедност и стабилност за граѓаните и за индустријата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK