Заменик претседателот на Владата на Република Србија, Александар Вулин, кој е во повеќедневна официјална посета на Руската Федерација, во Москва се сретна со заменик министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Александар Грушка.
Потпретседателот Вулин, како што информираат од Владата на Србија, посочил дека Русија е искрен пријател на Србија и на српскиот народ и побарал од заменик министерот за надворешни работи на Руската Федерација да му пренесе благодарност на министерот Сергеј Лавров за поддршката на Србија во Генералното собрание на Обединетите нации и гласање против, како што се наведува, срамните резолуции за Сребреница, пренесува N1.
Вулин рече дека Србија високо ја цени принципиелната и доследна поддршка на Руската Федерација во зачувувањето на територијалниот интегритет на Република Србија и нејзините национални интереси, како и безусловното почитување на Резолуцијата 1244, која беше усвоена на денешен ден во 1999 година.