Во Вишиот суд во Белград денеска продолжи граѓанската постапка против Миљана и Владимир Кецмановиќ, родителите на момчето убиец што на 3 мај минатата година уби девет ученици и обезбедувањето на основното училиште „Владисалв Рибникар“, по тужба на ранетиот малолетник Д.Ј.
„Имаме нови докази за поднесување, поточно петиција потпишана од повеќето родители, чија тема беше насилството во училиштата. Во петицијата посочија дека е потребно да се реагира и да се спречи насилството во училиштето, за да нема смртни последици, училиштето ништо не направило на овој план. Исто така, го повлекувам судскиот предлог за сведочењето на Владимир и Миљана затоа што тие не се во можност да сведочат и не сакаат да ги повредат жртвите и родителите на жртвите со приказната дека тие внимателно го воспитувале своето дете“ – изјави Марина Ивеља, адвокатката на семејството Кецмановиќ и додаде:
„Исто така, би сакала да поднесам извештај од советот на родители каде детално се анализирани 21 ученик и нивната психичка состојба по пандемијата на коронавирусот. Тогаш било утврдено дека кај децата имало зголемени мисли за самоубиство, како и депресија. Приложив и фотографии од кампот на кои јасно се гледа дека Владимир не го тренирал Коста да пука, туку претседателот на стрелачкото друштво, а Владимир не разбрал дека е забрането да се носи дете на стрелиште“, вели таа.
Судот побара да се достави и решението за разрешување на директорката Снежана Кнежевиќ, која даваше исказ пред обвинителството цели шест часа.
Марина Ивеља побара и допис од Министерството за образование.
„Ве молиме доставете допис и од Министерството за образование, каде што училиштето е опоменато и препорачано да ја откаже активноста на дежурниот ученик. Да се почитуваше одлуката на тогашниот министер Бранко Ружиќ, наместо двете девојчиња во ходникот ќе беа наставниците, можеби ќе го спречеа или децата немаше да загинат“, изјави Ивеља.
Правниот застапник на училиштето Сања Дуњиќ одговори на оваа забелешка на адвокатот на семејството Кецмановиќ и рече дека писмото од министерството стигнало до сите училишта по масакрот во август минатата година.
Следното рочиште е закажано за 20 септември во 10 часот кога ќе бидат изведени писмени докази и ќе биде сослушано семејството на повредениот малолетник.
Судот нареди и вештачењето на оштетениот Д.Ј. од страна на ортопедот, но и психијатриско вештачење на момчето убиец Коста Кецмановиќ, кој беше прегледан од комисијата.