Десет илјади палестински приврзаници се собраа во средата во Атина. Тие се упатија кон израелската амбасада, каде што претходно се собраа стотина израелски поддржувачи.
Алијансата за пријателство меѓу Израел и Грција ги повика учесниците да покажат солидарност, барајќи правда за илјадниците невини убиени, но и за „итно ослободување на заложниците кои ги држи Хамас“.
Грчката влада му даде итна поддршка на Израел по крвавиот напад на Хамас во кој загинаа повеќе од 1.400 луѓе во Израел, главно цивили, во најсмртоносниот напад во земјата од нејзиното основање во 1948 година.
Како одмазда, Израел без престан го бомбардира Појасот Газа, каде според тамошните власти досега се убиени 3.478 луѓе, главно палестински цивили.
Грчката левица и дел од медиумите во Грција усвоија пропалестински пристап, критикувајќи ја долгата окупација на Палестина и прекорувајќи ги ЕУ и САД за нивната безусловна поддршка за Израел.
Во средата, премиерот Киријакос Мицотакис рече дека Израел претрпел „дивјачки терористички напад, каков што досега не бил забележан на Блискиот Исток“.
Но, Грција прави јасна разлика меѓу Хамас и палестинскиот народ, додаде тој.
„Од Израел се бара да го почитува меѓународното право и да одговори во согласност со правилата за вооружен конфликт“, изјави Мицотакис за телевизијата АНТ1.
Премиерот изрази „ужас“ и по нападот на болницата во Газа каде загинаа стотици луѓе.
Голем број арапски земји го осудија Израел за нападот, за кој велат дека е резултат на ракета на Исламски џихад која не функционирала.