(Видео) „Немаме претензии кон Грција“ – Рама на собир со дијаспората во Атина откако доби дозвола од Мицотакис

edi-rama.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Албанскиот премиер Еди Рама е во Грција, каде на собир одржан во Атина рече дека односите меѓу двете земји не можат „да се удават во лажица вода што ја носи секојдневната политика“, и дека Албанија нема претензии кон Грција.

 

Рама претходно доби дозвола од грчките власти за да одржи собир со албанските граѓани. Грчката опозиција се спротивстави на посетата на албанскиот премиер, но Рама на крајот доби дозвола од премиерот Киријакос Мицотакис кој искоментира дека посетата е непотребна, пишува „Еуроњуз“.

„Мислам дека темата доби малку повеќе публицитет отколку што навистина заслужува. Ако ме прашувате дали времето на оваа посета, неколку недели пред европските избори и со отворените прашања за грчкото национално малцинство во Албанија, е вистинскиот, ќе ви кажам дека не е баш најсоодветното време. Но, како и да е, да не му даваме и поголема важност“, рече Мицотакис.

Рама на средбата со Албанците во Атина истакна дека тие станале гордост на Албанија во тој дел од Европа.

„Вие сте најголемиот, најсилниот, најубавиот доказ за оваа поврзаност со милиони нераскинливи нишки на два народа“, рече Рама.

Тој изјави дека на грчките граѓани во Албанија не им е ускратено правото да гласаат поради нивното етничко потекло.

„Ниту еден ваш проблем не се разликува од било кој проблем на граѓаните на Албанија. Во ниту еден случај албанската држава на етничките Грци не им го ускрати правото на вера, јазик или имот. Никогаш не им беше ускратено правото на глас поради нивното потекло“, продолжи тој.

Рама истакна дека политиката мора да знае дека судбините на Албанија и Грција се неразделни. Тој ги повика Грците да дојдат во Албанија не само на одмор, туку и да инвестираат.

„Грците беа, се и ќе бидат добредојдени во Албанија не само да се одморат туку и да работат, да отвораат продавници, да основаат фирми, да отвораат инвестициски линии за да имаат корист од многу помал даночен режим отколку во Грција. Албанија е толку добредојдена за Грците што не им прави никакви проблеми“, рече Рама.

Тој додаде дека Албанија нема претензии кон Грција.

„Албанија нема претензии кон Грција, освен меѓусебно почитување, взаемна грижа за сонародниците кои живеат во нашите две земји, меѓусебни односи на пријателство и добрососедство. И не само тоа, Албанија ја гледа Грција како природен стратешки партнер, било за прашања кои треба да се решат меѓу нас или за големите предизвици на оваа нова ера, можности, но и закани за Балканот, Европа и демократскиот свет. Ги гледаме како причина да се зближиме и подобро да се запознаеме“, рече Рама и најави дека ќе се формира Албанско-грчка стопанска комора.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK