Српскиот министер за надворешни работи и вицепремиер Ивица Дачиќ за време на гостувањето на РТС изјави дека Албин Курти е единствениот виновен за она што се случи на Косово викендов. Тој истакна дека не му е јасно според кој член од Резолуцијата 1244 или од Бриселскиот договор косовската полиција се наоѓа на северот на Косово.
Тој рече и дека видеото кое на Фејсбук го објави косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечла, воопшто не е од ноќта кога се случи инцидентот, односно дека се работи за измама. Свечла напиша дека на видеото се гледа и Милан Радоичиќ, потпретседателот на Српската листа, кој е на црната листа на САД и Велика Британија.
„Не оправдуваме никакви насилни дејствија, жалиме за убиството на полицаец, за загубата на српски животи и за тоа што се случи таков инцидент кој не е во интерес на Србија“, рече Дачиќ, пренесува Нова.рс.
Тој додаде дека Приштина, како и српската опозиција, одговорноста ја префрлаат на Александар Вучиќ.
„Тука се обидуваат да докажат и покажат дека овие акции ги извршил Милан Радоичиќ или Звонко Веселиновиќ. Тие најмногу би сакале да наидат на Мојсиловиќ затоа што им треба врска со Белград, сакаат да кажат дека некој го увезува од однадвор“, убеден е шефот на српската дипломатија.
Потоа се осврна на спорното видео, велејќи дека на снимката „можете дури и да го видите снегот“.
„Имаше и снег, што значи дека не е снимка од тој ден“, нагласи тој.
Дачиќ повтори дека Белград се бори за мир и за правата на Србите и дека поради сето тоа нема да дозволи натамошна ескалација.
„Мизерно е што на овој начин на сметка на државните органи сакаат да докажат дека Србите се терористи кои учествувале во сето ова“, заклучува тој.