Потрагата по двегодишната Данkа Илиќ влезе во деветтиoт ден, а од имотот беше проширена на цело Бањско поле, но и во Европа, откако по малото српско девојче беше распишана жолта потерница од Интерпол. Иако теренот во Бањско поле е темелно пребаран, полицијата се уште е таму, а пензиониран инспектор на српското МВР објаснува зошто.
Полицијата се уште е во епицентарот на настанот, од каде што започна се, на имотот на семејството Драгомировиќ, каде што во вторникот на 26 март околу 13 часот и 45 минути исчезнала малата Данка Илиќ. Нејзината мајка Ивана дошла со Данка и нејзиниот тригодишен син на имотот лоциран на периферијата на предградието Бор во Бањско Поље.
Кога мајката на Ивана отишла по вода, Данка, според неа, исчезнала. Ивана повикала полиција, а првиот полицаец, кој живее во близина и ја познава околината, пристигнал по само неколку минути, пишува „Нова.рс“.
Наскоро дошле повеќемина и веќе тогаш започнала потрагата. Со доаѓањето на полициското засилување, меѓу нив и жандармеријата од Ниш, се зголемил просторот каде што била извршена потрагата. Полицијата употребила и дрон со термичка камера, цела ноќ го чешлала имотот и околните шуми, но, за жал, ни трага ни глас од Данка.
За прв пат во Србија се активираше системот „Најди ме“. Многу брзо, паралелно со потрагата, започна истрага за исчезнувањето на девојчето, за да се утврди дали детето е изгубено или се работи за кривично дело. Распишана е и жолта потерница на Интерпол, обврзувачка за сите полицајци во светот. Се појави и видео направено од Србин во главниот град на Австрија, Виена, на кое се гледа дете кое личи на Данка, придружувано од две Романки, а по нив моментално трага австриската полиција.
И покрај тоа, имотот од кој исчезна Данка се уште е затворен за неовластени лица, а зошто објаснува поранешниот инспектор на МВР на Србија Часлав Ристиќ, кој во својата кариера извршил безброј истраги.
„Првите денови пред се беше потрага по исчезнатото дете, а тоа беше приоритет на полицијата што поскоро да го пронајде девојчето. Тоа е тежок терен и, за жал, во брзањето да се најде детето што побрзо, не може детално да се внимава на секој милиметар од теренот. Треба да се има предвид дека не е само куќа што треба да се прегледа, туку отворен простор каде што е многу потешко да се најдат траги и докази“, објаснува Ристиќ.
Полицискиот систем, објаснува тој, функционира така што ако не се најде ништо, се почнува од почеток.
„Истиот терен се пребарува неколку пати и тоа не е ништо необично бидејќи е важно ништо да не се пропушти, особено што во овој случај се работи за мало дете. Но, кога полицајците се увериле дека малата Данка ја нема на имотот и околината, па биле претресени дури 10 квадратни километри, тогаш следела поинаква потрага на теренот. Станува збор за потрага по евентуални докази кои би покажале или исклучиле можност на имотот да се случило кривично дело. Тоа е тешка и напорна работа, бидејќи полицајците мора да внимаваат и на најмалите детали. Постојат типични и нетипични докази. Атипичен доказ е оној што не треба да го има, но се случува случајот да се реши со нив“, објаснува поранешниот белградски полициски инспектор.
Полицијата буквално слој по слој го истражила имотот на семејството Драгомировиќ, каде што последен пат била видена Данка, во потрага по потенцијални докази кои евентуално би можеле да се сокријат под бали сено, гранки или други предмети во дворот. Најверојатно се бараат и биолошки траги за да се покаже кој бил на имотот критичниот ден.
„Многу граѓани се понудија да помогнат, што е знак на солидарност, но тие можат или по грешка да уништат докази или да остават биолошки траги и да го контаминираат местото на настанот, затоа полицијата мораше да го изолира тој простор. Треба да се бара се, буквално, за да се види дали некој можеби чекал таму во заседа, до можно оружје. Има типични и нетипични траги“, објаснува Ристиќ и продолжува:
„Во еден случај на пукање што го работевме во Белград, на местото на настанот најдовме десетина чаури и половина копче. На местото на пукањето се очекуваа чаури, но ни ги бодеше очите копчето. Подоцна оперативната работа доведе до осомничениот, а при претресот во неговиот стан е пронајдено палто на кое е скршено едното копче, а токму половината пронајдена на местото на настанот одговараше на копчето на тој капут. Се испостави дека жртвата го грабнала палтото и притоа го скршила копчето. Кога ги видел тие докази, осомничениот го признал делото и ја одвел полицијата до оружјето што било употребено“, објаснува пензионираниот инспектор.