Портпаролот на виенската полиција Матијас Шустер денеска изјави дека е голема веројатноста дека станува збор за исчезнатото девојче Данка Илиќ на снимката во Австрија, и нагласи дека полицијата затоа објавила повеќе фотографии.
Шустер за Танјуг рече дека Државната криминалистичка полиција во Виена веќе покренала истрага.
„Имаме многу добар и близок контакт со српските власти во врска со девојчето кое исчезна на 26 март. Денеска по налог на виенското јавно обвинителство објавивме повеќе фотографии, на тие слики се гледа мало дете и уште две жени. По увидот на роднините на тој видео материјал, голема е веројатноста да се работи за исчезнатото девојче“, изјави Шустер за „Танјуг’.
Претходно, виенската полиција се огласи и рече дека по наредба на австрискиот јавен обвинител побарала објавување на нови фотографии на кои се гледа девојчето коешто личи на исчезнатата Данка Илиќ.
Како што се наведува во полициското соопштение, распишана е потерница бидејќи постои сомнеж за киднапирање на дете, а воедно се повикуваат сите кои ги познаваат жените или знаат каде се наоѓаат веднаш да се обратат во полиција.
Австриската полиција претходно денеска соопшти дека семејството на исчезнатата Данка Илиќ претпоставува дека двегодишното девојче е на видеото што е направено на трамвајската станица во Виена.
Откако роднините на исчезнатото девојче ја погледнале снимката, претпоставиле дека е голема веројатноста да се работи за девојчето од Србија“, се наведува во соопштението.
Се додава дека видеото до австриските власти го проследил маж кој на трамвајската станица „Шотенринг“ наишол на мало дете во придружба на две возрасни жени и ја забележал сличноста меѓу него и двегодишната Данка Илиќ.
Српските власти потоа ја контактираа полицијата во Австрија, а истрагата ја презеде виенската државна криминалистичка полиција, се вели во соопштението.
Данка Илиќ исчезна на 26 март во близина на Бањско Поље во Бор, а потрагата по неа трае оттогаш. По неа е распишана потерница од Интерпол, а поради нејзиното исчезнување за прв пат во Србија е активиран системот „Најди ме“.