Полициската управа ги потсети граѓаните на акцијата „Почитувај го животот – врати го оружјето“, односно дека секој граѓанин, согласно Законот за оружје, може доброволно да и предаде огнено оружје на полицијата без никакви правни последици, без разлика дали оружјето е во противправна или законска сопственост и без разлика за која категорија на огнено оружје се работи.
„Граѓаните може да го предадат оружјето со јавување на бројот 122, по што полицаец ќе го преземе на местото каде што се наоѓа и на граѓанинот ќе му издаде потврда за одземеното огнено оружје“, се наведува во полициското соопштение.
Од полицијата наведуваат дека од стапувањето во сила на Законот за оружје, граѓаните доброволно вратиле 2.011 огнено оружје, 291 мини експлозивни направи (најчесто рачни бомби), 1.118 делови од оружје и 35.571 куршуми од различен калибар.
Тие ги повикаа граѓаните анонимно да ги информираат полициските службеници за секое сознание дека други лица поседуваат нелегално оружје и ги прекршуваат одредбите од Законот за оружје, со јавување на бројот 122, кои, како што рекоа, во најкраток можен рок и во согласност со своите овластувања да преземат мерки пропишани со закон и активности со кои ќе се спречат натамошни злоупотреби и прекршувања на законот.