Во дворот на ортопедот Небојша Мраовиќ се пронајдени посмртните останки на жртва на војната во Босна и Херцеговина, а тој признал дека ги закопал коските и дека претходно ги користел за „планирање операции“, пренесе Радио Слободна Европа.
Мраовиќ со години имал приватна ортопедска клиника во Брчко.
Ексхумацијата на коските е извршена на 21 септември под надзор на Обвинителството на Босна и Херцеговина, по наредба на Судот на Босна и Херцеговина, а сведокот кој ја откри локацијата на закопаните, тврди дека тоа била жртва на геноцидот во Сребреница од 1995 година и дека коските биле донесени во Брчко две години по војната.
Во кус телефонски разговор за РСЕ, Мраовиќ рекол дека не гледа ништо спорно во целиот случај, наведувајќи дека коските биле користени за „плански операции“.
„Ги користев во болница, ги користев за планирање операции, беа корисни за стотици луѓе“, изјавил Мраовиќ без да објасни како ги користел.
Од Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина потврдија дека се работи за нецелосни останки на едно лице и прв регистриран случај на намерно криење на останките на жртва во сопствениот двор.
Портпаролката на Институтот Емза Фазлиќ изјавила дека посмртните останки наводно биле донесени во Брчко во 1997 година, а Мраовиќ ги закопал во својот двор во 2012 година, а потоа ги преселиле.
Таа посочила дека доколку немало сведоци кои ја посочиле точната локација на посмртните останки, тие веројатно никогаш немало да бидат пронајдени.
„Посмртните останки веднаш се пренесени во Комеморативниот центар во Тузла, каде што ќе се изврши обдукција, односно судско-медицинска, криминалистичка обработка, а примероци од коски ќе бидат извадени и испратени на ДНК анализа“, објасни Фазлиќ.
Поранешниот член на Управниот одбор на Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина, Амар Машовиќ вели дека е „згрозен“ од ова откритие и дека за 30 години потрага по исчезнатите никогаш не наишол на таков случај.
„Претпоставката е дека станува збор за жртва на геноцид, но како и да е, дека воопшто не е жртва на војна, ме ужаснува фактот што човек кој положил Хипократова заклетва се однесува со човечко суштество на таков начин, без разлика на фактот дека тоа битие веќе не е живо“, истакна Машовиќ.
Според информациите на Институтот, Мраовиќ не е во Босна и Херцеговина.
Во Босна и Херцеговина моментално се трага по 7.597 исчезнати лица, од кои 1.200 се само во Сребреница.