Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Србија треба што поскоро да стане членка на ЕУ, бидејќи во спротивно Белград ќе избере соработка со други партнери, а Брисел ќе ја загуби таа земја.
„Треба да ја завршиме старата задача поврзана со проширувањето пред да започнеме со новото проширување со Украина. Ако Србија не ја интегрираме што поскоро, ќе ја изгубиме. Србија има други варијанти. Само што склучи договор за слободна трговија со Кина“, рече Орбан.
Унгарскиот премиер додаде дека проширувањето на ЕУ со Западен Балкан е приоритет за Будимпешта за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ, кое започнува на 1 јули, пишува „Ди Пресе“.
Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Молдавија, Северна Македонија, Србија, Турција, Украина и Црна Гора имаат официјален статус на кандидати за членство во ЕУ.
Брисел врши притисок врз Србија за да ја принуди да се согласи и со кандидатскиот статус на Косово, што всушност би значело признавање на независноста на таа српска покраина, потсетува Спутник, пренесува РТРС.