Грчкиот европратеник Манолис Кефалогианис денеска од приморското албанско гратче Химара населено со припадници на грчкото малцинство, порачал дека „начинот на кој се постапува со прашањето Белери ќе има свое влијание на патот на Албанија кон ЕУ”.
– Прашањето за Химара и Фреди Белери веќе не е национално прашање, тоа доби поголеми размери. Тоа повеќе не е прашање за кое разговараме со албанската Влада, тоа е веќе европско прашање за кое се разговара и таму. Како европско прашање, тоа ќе се решава како такво. За земја како Албанија, која е на пат да влезе во ЕУ, Грција има големо влијание во Европскиот совет, да даде свое мислење за тоа како се решаваат овие прашања, но и за патот на Албанија кон ЕУ, рекол Кефалогианис, јавија медиумите.
Тој го посетил Белери во затвор, а остварил средба со жители на Химара, придружуван од грчката амбасадорка во Албанија, Констандина Камичи, претседателот на друштвото „Омонија”, Василис Кајос, како и синот на Фреди Белери, Петро Белери.
Од позиција на заменик-претседател на Заедничкиот парламентарен комитет за стабилизација-асоцијација ЕУ-Албанија, Кефалогианис побарал ослободување на Белери од притвор.
– На средбата со него ми рече: нема да се откажам, нема да се вратам ниту еден чекор назад. Ќе се борам за правата на Химарјотите, кои ја заслужуваат сета оваа жртва што ја правам. Белери ми рече и дека е подготвен да остане во затвор колку што е потребно, а кога ќе победи правдата и тој ќе биде ослободен ќе ги застапува вашите интереси, ќе биде ваш градоначалник, рекол пред жителите грчкиот европратеник.
Неодамна и грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис го услови патот на Албанија кон ЕУ со ослободувањето на Белери, додавајќи дека Албанија „мора да го почитува владеењето на правото ако навистина сака да стане дел од европското семејство”.
Белери беше уапсен на 12 мај, два дена пред локалните избори, под обвинение купување гласови. Иако во притвор тој доби голема поддршка и беше реизбран за градоначалник. Неговиот избор го верификува и Централната изборна комисија, но барањето да биде пуштен да даде заклетва на денот кога се конституира Советот на општината му беше одбиено.
На изборите беше кандидат од опозициската изборна коалиција „Заедно победуваме”, предводена од Партијата на слободата на Илир Мета.