Додик објави во кој случај ќе ја отцепи Република Српска од БиХ: „Ќе биде Денот Д“

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Лидерот на Република Српска, Милорад Додик, најави дека ентитетот ќе се отцепи од БиХ во случај ако високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит наметне измени во Изборниот закон и најави средба со водечките бошњачки и хрватски партии за да се обиде да постигне договор за ова.



Шмит, кој ја предводи меѓународната администрација во Босна и Херцеговина, во средината на декември најави дека ќе интервенира во изборното законодавство на земјата со цел да се гарантира транспарентноста на изборниот процес во случај домашните политичари да не се согласат за ова прашање. Тој во изјава за локалните медиуми додаде дека лидерите на партиите на власт се очекува оваа недела да разговараат за низа реформи и таа средба ја нарече Ден Д.

„Тоа ќе биде ‘Денот Д’. Ако некој се осмели да ја помине границата и да реализира сценарио кое му отвора простор да наметне нешто. Ако продолжат да го растураат Дејтон, ќе добијат независна Република Српска и распадната нефункционална Федерација“, изјави Додик за медиумите во Бања Лука.

Тој претходно во неколку наврати се закануваше со отцепување на Република Српска во случај Шмит, чија власт ја оспорува, да наметне некои од законите.

Измената на Изборниот закон со технички подобрувања е еден од условите на Европската комисија со цел до март да му препорача на Европскиот совет безусловно отворање на преговорите за членство со Босна и Херцеговина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK