Пленковиќ: Европа мора да ги зајакне своите одбранбени капацитети, тоа сите го сфативме

Пленковиќ-Европа-мора-да-ги-зајакне-своите-одбранбени-капацитети-тоа.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Европската Унија мора да ги зајакне своите одбранбени капацитети, а нејзините членки го сфатија тоа, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на Светскиот економски форум во Давос.

Премиерот зборуваше на панелот „Бранење на европскиот обединет фронт“ на кој присуствуваа полскиот претседател Анджеј Дуда, шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, унгарската претседателка Каталин Новак и претставничката на белоруската опозиција Светлана Тихановска.

„Европската унија мора да ги зајакне своите одбранбени капацитети. Ова е нешто што мислам дека сите го разбравме и за кое сите бевме јасно ангажирани“, рече Пленковиќ во дискусијата за европската безбедност, пренесе „Индекс“.

Хрватска покажа посилен ангажман со зголемување на средствата за одбрана за повеќе од 100 отсто во последните седум години, додаде хрватскиот премиер.

Зборувајќи за руската агресија врз Украина и европскиот одговор, Пленковиќ рече дека „цврсто верува дека ЕУ ќе истрае да и помага на Украина“.

Полскиот претседател рече дека, иако не е „политички коректно да се каже, Полска се чувствува уморна од војната во Украина“. Сепак, тој додаде дека Варшава ќе продолжи да помага.

Шефот на украинската дипломатија одговори дека не слушнал ниту еден западен функционер, на состаноци или во приватни разговори, да каже дека помошта ќе престане и дека Киев не чувствува притисок да започне мировни преговори.

„Оваа година целта е да ја исфрлиме Русија од небо, бидејќи кој го контролира небото ќе ја добие војната“, додаде Кулеба.

Унгарскaта претседателка рече дека треба да се разговара за заморот од војната за да се намали. Претставничката на земјата чиј премиер Виктор Орбан ја забавува европската помош за Украина јасно ја осуди руската агресија врз таа земја.

„Мораме да ставиме до знаење дека Русија не може да победи во таа војна“, рече Новак.

Тихановска истакна дека судбината на Белорусија е поврзана со Украина, поради што победата на Киев е исклучително важна за нејзината земја.

„Без слободна Украина, нема слободна Белорусија“, изјави претставничката на опозицијата во земјата, додавајќи дека Александар Лукашенко моментално е во многу „кревка“ позиција во која ја изгубил поддршката од населението, па затоа зависи од помошта на Москва.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK