Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас смета дека притворениот градоначалник на Химара од грчкото малцинство Дионисис Фреди Белерис треба да биде ослободен и истакна дека прашањето ќе го покрене в понеделник на состанокот на шефовите на дипломатиите на ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервјуто за грчката телевизија Стар, Дендиас објасни дека во Брисел ќе учествува и на ручек со министрите за надворешни работи од Западен Балкан и рече дека веројатно ќе се сретне и за конкретниот случај ќе разговара со неговата албанска колешка.
Посочи дека станува збор за сериозно прашање и токму затоа во Албанија беше испратен и генералниот секретар од Министерството за надворешни работи на Грција.
-Јас не велам дека не треба да има судење, но зошто е во притвор? Кој е тој елемент што го прави опасен и налага продолжен притвор? Ова се големите прашања, истакна Дендиас.
Паралелно потенцираше дека силно верува во грчко- албанското пријателство и дека двете земји се многу блиски, но додаде дека потребно е да имаат „чисти сметки“.