Дачиќ ги повика сите Срби да дојдат во Белград на митингот на 26 мај што го најави Вучиќ

vucik
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Лидерот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ ги повика „сите Срби, без разлика каде живеат“ да дојдат на митингот во Белград на 26 мај, што претходно го најави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јави дописиникот на МИА од Белград.







-Ги повикувам сите Срби, без разлика каде живеат, да дојдат во Белград на 26 мај, да му покажеме на светот што сме и кои сме. Србите се најдобриот народ на светот кога е најтешко, изјави Дачиќ за „Курир“.

Тој го осуди, како што рече, обидот на опозицијата, „да ја злоупотреби големата тага на целиот народ за политички цели“.

-Важно е да се покаже одговорност во тешки времиња, за разлика од опозицијата, која срамно злоупотребува голема трагедија и тага за свои политички цели, оцени Дачиќ, чија СПС е коалициски партнер на Српската напредна партија (СНС) на Вучиќ.

Според него, опозицијата знае дека не може да победи на изборите и „затоа сака власт преку улица, која нема никаква врска со жртвите и нивните семејства“.

Дачиќ, кој е и министер за надворешни работи на Србија, изјави дека на 26 мај ќе се покаже „дека Србија е непобедлива, стабилна и победничка земја“.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, доцна синоќа ги повика сите граѓани да дојдат на најголемиот собир досега одржан во Србија на 26 мај, денот, како што рече, во пресрет на големите и важни одлуки за Србија. Вучиќ кажа дека митингот ќе се одржи пред Народното собрание или на Плоштадот на Републиката во Белград на 26 мај попладне и посочи дека тагата, жалта и болката во Србија не исчезнуваат по трагични настани.

Во Белград и други градови во Србија на 8 мај опозицијата организираше протести со учество на околу 50.000 граѓани по повод масовните убиства во Србија со слоганот „Србија против насиство“. Тие изнесоа повеќе барања и на властите им дадоа рок до петок, 12 мај да ги исполнат.

Барањата беа смена на Советот на РЕМ (Регулаторно тело за електронски медиуми), затворање на печатени медиуми и таблоиди кои објавуваат лажни вести, невистини и континуирано го кршат новинарскиот код, одземање на националните фреквенции од телевизиите кои ги залудуваат граѓаните, трујат и промовираат насилство, како што се Пинк и ТВ Хепи, оставка на министерот на полицијата Братислав Гашиќ и итно укинување на програмите кои промовираат насилство, неморал и агресија на телевизиите со национална фреквенција, како што се реалните шоуа.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK