Грчките власти денеска спасија група од 25 мигранти заробени во шумски пожар што речиси две недели гори во регионот Еврос на североистокот на земјата, јавува Ројтерс.
Шумскиот пожар во Еврос, најсмртоносниот ова лето во Европа, гори веќе 14-ти ден по ред, проголта повеќе од 812 квадратни километри земја и досега однесе најмалку 20 човечки животи, а сите освен еден од загинати се најверојатно мигранти кои преминале од Турција.
Еврос е популарна точка на премин кон ЕУ за илјадници мигранти и бегалци секоја година.
Пожарникарите и полицајците пронашле 25 лица меѓу двете села и ги однеле на безбедно, изјави портпаролот на грчката противпожарна служба Јоанис Артопојос.
Сите мигранти биле мажи по потекло од Сирија, Ирак и Либан, изјави полициски претставник, додавајќи дека тие се уапсени.