Пожарот во Еврос во североисточна Грција гори веќе 14-ти ден, а пожарникарите се борат да го запрат огнот и да спречат да се прошири кон Суфли и Протоклис.
Во гаснењето на пожарот се вклучени 582 пожарникари со 129 возила и 16 единици без возила, како и шест авиони и два хеликоптери, јави порталот Катимерини.
Вкупно во регионот изгореа повеќе од 808,7 квадратни километри.
Во четвртокот избувнаа 32 нови шумски пожари, додека противпожарните единици изгаснаа 68 пожари низ Еврос.
На Парнита, планина северно од Атина, пожарникарите гаснат пожар на југозападната страна.
Ризикот од пожари останува висок во многу делови на Грција и денес, а членовите на Противпожарната служба и понатаму се во општа готовност.
Двајца високи претставници на Противпожарната служба за „Катимерини“ изјавија дека нема оперативни слабости во гаснењето на пожарот во Еврос, кој трае веќе 14 дена и оценија дека пожарот не може веднаш да се прекине.
Наведоа дека приоритет е безбедноста на луѓето и инфраструктурата и посочија дека за ширење на пожарот придонеле ветровите и сувото земјиште.
Но, граѓаните и претставниците на локалната самоуправа укажуваат на проблеми во координацијата кога на едно место дејствуваат пожарникари од други места, кои не ја знаат морфологијата и спецификите на загрозеното подрачје.