­

Проф. Цицонков: Стратегијата за енергетски развој – да се подготви и да се спроведе


risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Денес многу често се зборува за енергетски кризи на локално или глобално ниво во што се испреплетени многу фактори. Во мојот живот се сеќавам првпат на енергетска криза во светот во 1973 година, но во тогашна Југославија дојде малку подоцна па чекавме во големи редици пред бензински пумпи, возевме коли најизменично пар-непар (зависно од бројот на регистарските таблички), имаше планско исклучување на електричната енергија во делови од градот и др.

Денес енергетските кризи се малку поинакви, скокаат цените на енергенсите и нема проблем за оној што има доволно пари. Не навлегувам во геополитичките причини (како војната во Украина) кои имаат влијание на енергетскиот сектор, но и тука проблемите се решаваат со (повеќе) пари. Факт е дека енергенсите имаат големи реперкусии на индустриите така што создаваат економски кризи во поедини сектори, и дури во цели држави. Од тие причини секоја земја си има своја стратегија за енергетски развој што треба да ги следи потребите и на населението и на индустријата.


 

При подготовката на енергетските стратегии треба внимателно да се земат предвид сите фактори и околности: индустриски, материјални и човечки ресурси, политички, меѓународни состојби, социјални прилики итн. Како специфичен пример ќе ја спомнам Германија, која до сега важеше за стабилна и економски јака држава. Пред извесен број години во својата стратегија Германија направи “зелен“ план за постепено исклучување на електраните на јаглен до 2038 година, потоа постепено исклучување на нуклеарните електрани, а до 2030 година електричната енергија треба да биде 80% од обновливи извори. Во меѓувреме треба да се изградат гасни когенеративни централи како преодно решение кои по релативно кратко време ќе користат водород како гориво. Заради експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и 2 во 2022 година, а потоа и војната во Украина, Германија остана без снабдување со природен гас така што планираната транзиција не може да ја реализира и мора да купува гас по многу повисока цена така што нејзината економија стана помалку конкурентна, дури влегува и во криза.

 

Доаѓањето на Доналд Трамп за нов претседател на САД е уште еден голем предизвик за светската економија бидејќи ќе ги менува царинските стапки, а со цел да се преселат повеќе индустрии во неговата земја. Исто така најави повлекување од т.н. зелена политика, повлекување од Парискиот договор за климатски промени. При користење на изворите за нафта и гас нема да има ограничувања, што значи ќе има поголемо производство, а тоа би довело до пониски цени на енергенсите. Но тие се стратешки производи кои се употребуваат и во креирање на политиката.

 

За разлика од САД, земјите од ЕУ работат по т.н. зелен план со повисоки еколошки стандарди, имаат повисоки цени на енергијата, поголеми административни бариери, ослабнување на конкурентноста на индустријата и нејзино преместување во САД и Азија. Ова ќе доведе до понизок животен стандард за граѓаните, социјални тензии и зголемен отпор на националните држави кон одлуките од Брисел. Бидејќи Македонија има најголем извоз во земјите на ЕУ, оваа состојба во извесна мера ќе се рефлектира и во нашата земја.

 

Заради санкциите кон Русија, земјите од ЕУ ги прекинаа набавките на гас од таа земја, а купуваат течен гас претежно од САД, Норвешка и Катар. Цените се доста повисоки отколку што беа на рускиот гас. Македонија се снабдува со природен гас преку цевковод од Бугарија, а потеклото на гасот е веројатно од Русија. Во блиска перспектива се очекува изградба на интерконекција со гасовод од Грција со што ќе се овозможи диверзификација во снабдувањето.

 

Македонија е сиромашна со енергетски ресурси, нема нафта, нема гас, а има ограничени количества на неквалитетен јаглен (лигнит) кој што треба да се користи сé додека не изградиме нови капацитети за производство на базна електрична енергија. Ова пред сé се однесува на хидроелектраните Чебрен и Галиште, како и две когенеративни гасни централи, сите во државна сопственост за да имаме енергетска независност на државата.

 

Заради енергетската криза во 2022 година, кога цената на електричната енергија на отворениот пазар скокна многу високо, многу фирми и други корисници пресметаа дека многу поисплатливо е да инвестират во изградба на фотоволтаици. Бранот на инвестиции во фотоволтаици трае и денес и тоа е добро за вкупната состојба на електроенергетскиот систем во Македонија. Се разбира дека државата треба да ги следи потребите на новите капацитети да бидат вклучени во електро-преносниот систем.

 

Во тек е изработка на енергетска стратегија на Македонија и како што може да се согледа задачата не е лесна бидејќи има сложени околности и дома и во странство. Учесниците во изработката на стратегијата треба да бидат високо квалитетни експерти собено оние од техничките струки.

 

Во минатите децении беа изработени неколку стратегии за енергетски развој на Македонија, речиси на секои пет години. Во нив имаше и некои слабости, но во целина беа многу корисни документи. На пример, уште пред неколку децении беа предвидени изградби на хидроелектраните Чебрен и Галиште, а тие до денес не се изградија. Пред околу 25 години беа предвидени изградби на когенеративни гасни централи, но и тие не се изградија. Замислете колкава ќе беше стабилноста на македонскиот електро-енергетски систем денес ако овие електроцентрали беа изградени, а и огромни финансиски трошоци ќе имавме заштедено и сега и во иднина.

 

На крај да нагласам, стратегијата за енергетски развој на Македонија може да биде одличен квалитетен документ, но без нејзина реализација ќе има слична судбина како и претходните стратегии.

 

 

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

13.03.2025

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK