Готовината се уште доминантен метод за плаќање при онлајн нарачки

7-4.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Народната банка на Република Северна Македонија ги објави новите податоците за платежната статистика за трите квартали од 2024 година, кои покажуваат постојан тренд на зголемена употреба на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата. Во трите квартали од 2024 година се забележува  значителен годишен раст кај бројот и вредноста на платежните трансакции на граѓаните во трговијата во земјата. Вкупните трансакции со картички во земјата и во странство издадени од домашните и странски даватели на платежните услуги, пораснале за 11.3% по број и за 13.6% по вредност. Вредноста на трансакциите на места на продажба за е-трговија изнесуваат 522.5 милиони евра и преставува 9.1% од вкупните трансакции и преставува раст од 7.5% во однос на истиот период минатата година. При тоа овој пораст се должи во главно на растот на вредноста на трансакциите направени во странство од домашни иматели на платежни картички кој изнесува 39.7%. Вредноста на направените трансакции кон домашни е-трговци забележува пад од 6.7%.


Ако имаме во предвид дека готовината при достава (Cash on Delivery – CoD) доминира како најчест начин на плаќање во е-трговијата, и тоа според последните податоци на  Findex (2021) 47% од македонските онлајн купувачи се потпираат на плаќање во готово, а кај домашните е-трговци постои опцијата за готовина при доставата, што не е случај кај странските е-трговци, може да се каже дека се уште готовината доминира при онлајн плаќањето.

Асоцијацијата за е-трговија, во своето шесто издание направи анализа на е трговијата во земјите од Западен Балкан („Преглед на е-трговијата во Западен Балкан, 2024 година“, поддржано од НЛБ групацијата) каде што во делот за плаќањето, како една од алките на синџирот на е-трговијата, се согледува дека е слична состојбата и во другите балкански земји во Косово 85%, Албанија 75% и Србија 71%. За споредба, во земји како Австрија и Данска готовината речиси и да не се користи. Македонците, како и балканските купувачи се уште преферираат плаќање со готовина, додека дигиталните плаќања, кои се норма во ЕУ, сè уште се ограничени. 59% од Македонците имаат платежни картички, а 43% од нив ги користат. Уште полоша е состојбата во Албанија, каде што само 8% од популацијата ги користи платежните картички, како и во Косово (21%) и Босна и Херцеговина (23%). Во Србија состојбата е најдобра со 62% иматели на платежни картички и 47% нивно користење. Исто така, користењето на мобилните телефони за плаќање е на ниско ниво. Имено, и покрај тоа што регионот е технолошки добро опремен – мобилната пенетрација е висока, со 95% од населението во Северна Македонија, Србија, Косово и Босна и Херцеговина кои поседуваат мобилен телефон, употребата на мобилни телефони за финансиски трансакции останува ниска – во Македонија само 36% од корисниците на финансиски услуги ги користат мобилните уреди за плаќања.

Според анкетата, која ја спроведе Асоцијацијата за е-трговија, како дел од споменатиот извештај со фокус на плаќањето при онлајн продажбата, 72.5% од е-трговците истакнаа дека готовината при достава е доминантен метод на плаќање за нивните клиенти, а 82.5% одговориле дека токму клиентите ја претпочитаат оваа опција. Клучни причини за оваа доминација според анкетираните е-трговци се: недовербата во онлајн продавниците, стравот дека нарачаните производи нема да бидат доставени, како и чувство на сигурност при плаќање со готовина. Дополнително, навиките и недоволните дигитални вештини за користење на картички играат значајна улога во популарноста на ќеш плаќањата. И покрај тоа, 62.5% од е-трговците изјавиле дека плаќањето со картички е покорисно за нивниот бизнис, а 45% од нив активно го промовираат користењето на картички. Плаќањето со готовина од друга страна, создава големи неефикасности за е-трговците, како што се неуспешни испораки, зголемени оперативни трошоци и ризик од неформални економски практики.

„Вториот најголем предизвик, со кој се соочуваат е-трговците кои учествуваа во анкетата, е нелојалната конкуренција предизвикана од сивата економија. Плаќањето со готовина ја олеснува оваа нелегална пракса, додека преминот кон дигитални плаќања може да придонесе за намалување на овој предизвик, зголемувајќи ја транспарентноста и формалноста на економијата. За да се намали доминацијата на готовината, потребни се насочени активности за подобрување на дигиталната писменост, намалување на трансакциските трошоци и зголемување на довербата во онлајн плаќањата. Преку овие чекори, македонската и регионалната е-трговија може да станат поконкурентни, поттикнувајќи раст и економска стабилност“ изјави преседателката на Асоцијацијата за е-трговија д-р Нина Ангеловска Станков.

Инаку, годишниот извештај од анализата за е-трговија е изработен со поддршка на NLB Group и беше традиционално презентиран на 7-та регионална конференција за е-трговија. Како шесто издание од серијата, оваа публикација за првпат е објавена на англиски јазик и со проширен фокус кој го опфаќа целиот регион на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Сеопфатниот извештај нуди длабинска анализа на моменталнaта состојба на е-трговијата и трендовите, го прикажува растот на е-трговијата во изминатата година и прави споредба на регионот со поразвиените европски пазари, заснована на секундарни податоци и компаративна анализа. Дополнително, беше спроведено и примарно истражување кое ги анализираше искуствата на е-продавачите во Западен Балкан, со посебен фокус на е-плаќањата, идентификувајќи ги критичните бариери и можности за раст.

Целосниот извештај и повеќе информации за клучните сознанија од анализата се достапни на ликот во продололжение: https://ecommerce.mk/wb-ecommerce-report-2024/.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK