Добро е што Венко Филипче излезе од егзил и зимскиот сон го скрати привремено. Лошо е што се стави на страна на трговците кои делуваат како воени профитери, реагира ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата на лидерот на СДСМ дека премиерот Мицкоски е виновен за покачувањето на цените во маркетите.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче не треба да зборува за кошнички и стандарди бидејќи е запаметен и како министер кој тргуваше со човечки животи и набавуваше респиратори и вакцини по сомнителни договори. Според владејачката партија тоа е исто како лисицата да зборува за безбедноста на кокошарникот!
„Седум години владеење на СДС беа години на распродажба на државните интереси, зголемување на долговите, инфлација и систематска кражба. Тие се главната причина зошто граѓаните денес се соочуваат со вакви економски предизвици кои макотрпно како Влада ги надминуваме. ВМРО-ДПМНЕ не само што реагираше веднаш за да ги заштити граѓаните од алчноста на трговците, туку и воведе механизми за контрола и казнување. За разлика од СДС, кој ги охрабруваше картелите и мафијата да печалат на маката на народот, ние преземаме акција. Неврохирургот на Заеви треба да ја наведне главата од срам за милионите евра украдени од тендери, а не да држи лекции за морал и економија“, се вели во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека граѓаните нема да дозволат оние кои ги уништија да им држат лекции за морал.