Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски утрово одржа час по локална самоуправа со учениците од четврто одделение од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, кадешто ги запозна со работата на локалната самоуправа и тековните активности, но и како функционира Советот.
Герасимовски потенцираше дека еден од главните приоритети во неговиот мандат е подобрувањето на основните училишта на територија на општината.
„Во изминатите три години заедно со мојот тим значително ги подобривме условите во училиштата. Во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ го саниравме покривот и обезбедивме сензорна соба. Првачињата од Песталоци, но и од сите осум други училишта добија бесплатни ранци и училишен прибор. Направивме реконструкција на четири училници и нова спортска сала во „Кочо Рацин“ и изградивме четири нови училници, два кабинети, еден тоалет за лица со попречености во училиштето „Коле Неделковски“. Ги саниравме училниците во ООУ „Димитар Миладинов” и реконструиравме свечената сала”, изјави Герасимовски по средбата.
Во однос на прашањата од учениците како да се намали загадувањето на воздухот, Герасимовски потенцираше дека потребна е заедничка стратегија на градот и општините за да им се помогне на граѓаните.
„Општина Центар се грижи за здравјето на дечињата, поставени се прочистувачи за воздух во секоја училница во сите осум училишта. Како еден од проектите што ги имплементираме е доделување субенции за купување велосипеди со што ги поттикнуваме жителите на Центар за еко превоз како подобра алтернатива. Центар е највело општина која се грижи за велосипедистите. Но, мора сите општини заедно со градската власт да направиме план за проблемот со загадувањето“, рече Герасимовски.