ЗЕЛС не е тој што предизвикува кризи, ЗЕЛС ги надминува кризите – ова го изјави претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски после средбата со неговиот колега Стевче Јакимовски, градоначалник на општина Карпош, додека Костадин Костадинов, градоначалникот на општина Струмица не дојде на состанокот на кој беше поканет, иако беше најгласен против ЗЕЛС.
Ѓорѓиевски додаде дека секогаш имало несогласувања помеѓу одреден градоначалник и министер, но логички е кога се работи да постојат и такви несогласувања.
– Ние сме тие кои влегуваме во директна медијација на процесот и верувам дека ќе ги надминеме какви и да се разликите и колку и длабоки да се истите. ЗЕЛС останува обединет и понатаму. Во наредниот период ќе продолжиме со интензивна комуникација и со Струмица. Колегата Перо Костадинов кој е мој потпретседател и доаѓа од редовите на Социјалдемократскиот Сојуз, ќе се потруди во тој дел како колега, како припадници на иста политичка партија со Костадин Костадинов да седнеме заеднички на маса и верувам дека, како и Стевче што кажа дека нема да излезе од ЗЕЛС и остава простор на процесот да ги надминеме проблемите, истото ќе се случи и со општина Струмица – изјави претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски и додаде дека ќе застанат зад секој колега градоначалник без разлика од било која политичка партија да доаѓаат.
Во текот на наредните неколку денови, ЗЕЛС ќе направи обиди за организирање средби помеѓу гореспоменатите градоначалници и претставниците на централната власт.