УСЈЕ го претстави својот напреден пристап во примената на вештачката интелигенција на AI Tech Summit 2024

usje-titan-samit_002
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

ТИТАН УСЈЕ го презентираше иновативните решенија во примената на вештачката интелигенција на годинешниот AI Tech Summit, кој на едно место собра водечки светски компании и експерти од областа на напредни технологии и вештачка интелигенција. Самитот кој се одржа во Скопје е еден од најзначајните настани на оваа тема во Југоисточна Европа, а ги обединува технолошките иноватори, истражувачи и деловни лидери кои ги презентираат најновите достигнувања во примената на вештачката интелигенција во различни индустрии.

Панагиотис Маргарис, директорот за дигитални решенија на групацијата ТИТАН, која раководи со 14 цементарници во Северна и Јужна Америка, Африка и во Југоисточна Европа, ја претстави стратегијата на ТИТАН за имплементација на оперативен модел од следната генерација преку дигитална трансформација кој групацијата  го имплементира постапно во сите свои цементарници. „Покрај другите бенефити, иновативните технолошки решенија и вештачката интелигенција ни овозможуваат високо ефикасен модел за користење на обновливата енергија, зелената инфраструктура, практиките од циркуларната економија и дигитална оптимизација, со крајна цел за декарбонизација на производството на цемент. Овој процес е управуван од централизирана експертиза од светска класа, а егзекуцијата успешно ја спроведуваат локалните експертски тимови. Горди сме што прераснуваме во еден од предводниците во секторот во однос на спроведувањето на иновативни дигитални решенија со примена на ВИ во секојдневното работење“, објасни Маргарис.


Во рамки на оваа стратегија на групацијата тимот на Цементарницата УСЈЕ во соработка со тимот за дигитализација на групацијата имплементираше автономен систем за оптимизација на производството во реално време – пионерско решение во цементната индустрија, кое понатаму се воведува во сите цементарници на групацијата. „Со користење на иновативните технологии и вештачката интелигенција успеавме да ја максимизираме пропусната моќ во производството, во исто време намалувајќи ја потрошувачката на енергија и подобрувајќи го квалитетот на конечниот производ. Конечно, постигнавме значајно намалување на емисиите на CO2, што е стратешка определба на нашата групација“, истакна Дејан Величковски, менаџер за дигитализација, ИТ инфраструктура и безбедност во Цементарница УСЈЕ.

Со учеството на овој значаен настан, ТИТАН УСЈЕ уште еднаш ја потврди својата посветеност на иновациите, ефикасноста и одржливоста, користејќи ги најсовремените технологии за подобрување на производните процеси и за намалување на влијанието врз животната средина.

На самитот учествуваа претставници на гиганти како Google, Microsoft, Amazon, NVIDIA, Netflix, како и голем број регионални и глобални технолошки компании. Нивните претставувања го истакнаа огромниот потенцијал на вештачката интелигенција за трансформација на различни сектори како ИТ, финансии, здравство, производство, забава и многу други. AI Tech Summit претставува важна платформа за регионално вмрежување и соработка меѓу професионалци од индустриите, истовремено овозможувајќи дискусии за иднината на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз глобалната економија.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK