Александар Гелевски, директор на Агенцијата за планирање на просторот, ги презентираше резултатите од работењето на институцијата во 2025 година и активностите продолжени во 2026 година.
Во фокусот на работењето, според соопштеното, е Нацрт-просторниот план на Република Северна Македонија за периодот 2021–2040 година, кој во декември 2025 година беше доставен до Министерството за животна средина и просторно планирање, а во мај 2026 година беше доставена и дополнета верзија.
„Станува збор за стратешки документ од кој зависат идниот инфраструктурен развој, инвестициите и одржливото уредување на просторот во државата.
Во текот на 2025 година Агенцијата изработи 435 услови за планирање на просторот, работеше на урбанистичка документација за проекти од државно и локално значење, вклучително и граничните премини Табановце и Богородица и аеродромот „Св. Апостол Павле“, а започна и првата фаза од
Генералниот урбанистички план на Куманово“.
Резултати, како што истакна, се забележани и во финансиското и институционалното работење.
Агенцијата, додава тој, ја оствари најголемата добивка пред оданочување во последните пет години, со истовремено намалување на расходите во однос на претходната година.
„Независната ревизија позитивно го оцени прикажувањето на финансиската состојба и успешноста на институцијата.
Особено значајно е унапредувањето на институционалниот интегритет. Според извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата, исполнетоста на системот за интегритет на Агенцијата пораснала од 15,3% во 2024 година на 71,15% во 2025 година. Тоа е зголемување од 55,85 процентни поени, постигнато преку воведување појасни правила, етички стандарди и механизми за одговорно управување.
Квалитетот на стручната работа го потврдуваат и меѓународните признанија, меѓу кои и Големата награда „Владимир Мачура“ на 34. Меѓународен салон за урбанизам во Зрењанин, за студијата за урбан развој во рамките на Просторниот план на државата“.
Од ЗНАМ порачуваат дека јавната функција значи одговорност, отчетност и мерливи резултати.
Институциите, оценуваат во оваа партија, мора да работат професионално, да управуваат рационално со јавните ресурси и да создаваат долгорочни решенија во интерес на граѓаните.
„Македонија има потреба од планиран, одржлив и рамномерен развој, а не од импровизации и краткорочни решенија“.