Проф. Трајковски: Дали распуштањето на Советите на судии и обвинители може нешто да промени? Нема да промени речиси ништо, а еве зошто

trajkovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дали распуштањето на Советите на судии и обвинители може нешто да промени?
Нема да промени речиси ништо, а еве зошто.

1. Претходните неколку владеачки гарнитури, особено онаа на Груевски, но и на Заев и Ковачевски воведоа ефективна политика на неказнивост и блокирање на правдата. Последниот удар беше нанесен во септември минатата година кога пратениците на СДСМ и ДУИ, со поддршка на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ коишто им обезбедиле кворум, усвоиле законски измени со кои казните според членовите 247 и 353 од КЗ беа драстично намалени, запретените затворски казни скратени, а заедно со нив и роковите за застарување на најважната група кривични дела против државата. Се работи за дела против злоупотреби во службата, односно овозможување противправна имотна корист (чл. 247) и злоупотреба на службената должност и овластување (чл. 353), како и за злосторничко здружување.
Со овие измени практично им се оставени одврзани раце и дадено им е зелено светло за сите можни злоупотреби во службата, од кои најекстремни се зделката за автопатиштата на Бехтел и Енка и увозот на грчки јаглен за потребите на РЕК Битола. Престапниците сега мирно спијат и можат в лице да им се смеат, као на обвинителите, така и судиите, кои имаат врзани раце за понатамошно постапување.
Обвинителите и судиите дури да бидат и најчесни професионалци, делата се веќе застарени или казните се толку минимални, што од тие процеси нема да излезе ништо, а имотната корист ќе им остане на престапниците.



2. Што би можело да поправи распуштањето на советите на обвинители и судии? Добрата вест е што би ги распуштила партиски поставените, меѓу кои и нестручни лица кои седат во тие органи. Лошата вест е што и новите би биле поставени според партиски клуч, па според тоа ништо суштински не би се променило.
Но, да речеме дека ќе постават нови, чесни и совесни членови, тоа повторно не би влијаело на исходите на судските процеси за најтешките дела во службата. Не само затоа што законите се максимално ублажени, туку и затоа што советот на обвинители, на пример, не може да менува и казнува несовесни обвинители. Таа постапка ќе је попречува државниот јавен обвинител, кој е независен од советот на обвинители, а кој треба да дава предлози за разрешување. Со еден збор, направен е систем кој не може да функционира, односно блокиран е самиот од себе, како од некаква автоимуна болест.

3. Единственото средство кое може да ги придвижи работите од мртва точка би било донесување на Закнот за испитување на потеклото на имотот. Но, кој ќе го донесе? Истите ли политичари кои направиле се истиот да не биде донесен?
Овој закон, доколку се донесе и вистински се спроведе, би бил навистина ефикасен во борбата против корупцијата. Благодарение на одземањето на имотот, непропорционален на примањата на раководителите кои направиле злоупотреби, криминалот би станал неатрактивен. Но, повторно доаѓаме до истиот поблем: кои истражители би вршеле испитување на имотот, ако истите ни досега не вршеле истраги за самите дела против службата?
Инаку, доколку се примени правилно, како што се применува во Европската Унија, воопшто не би имало ни потреба од докажување на криминалот во службата, туку би се откривал непропорционално големиот имот на државните службеници и нивните роднини и блиски пријатели. Поконкретно, би се проверувале не само членовите на потесното семејство (родители, деца, браќа и сестри) туку и први и втори братучеди на осомничените за злоупотреби во службата. Самиот сторител, тој што потпишал за автопатиштата или грчкиот јаглен можеби и не би бил директно засегнат, но би бил одземен имотот на нивните роднини, па според тоа не би останало ништо ни за нив. Би се проверувале, се разбира и сите договори за подарок или купопродажбите без економска логика.

Многу полесно е да се утведи појавувањето на непропорционално голем имот, отколку да се навлегува во докажување на криминалот. Овој закон има еден недостаток, а се однесува до противправната корист на добавувачот. На пример, на приватните компании коишто ископувале јаглен и јаловина во државниот рудник „Брод-Гнеотино“ по астрономски цени никој не би можел да им ја одземе противправната корист бидејќи тие се заштитени со штетни договори.
Заканата од одземање на имот на семејствата на директорите кои договориле превисоки цени би ги направил неатрактивни таквите договори. На тој начин, не би останал простор ни за богатење на приватниците за сметка на државата.

На крајот, се се сведува на интегритет на истражителите, којшто мора да биде на истото ниво како интегритетот на обвинителите и судиите, а тоа ќе остане невозможна мисија се додека политиката меша прсти во нивниот избор и нивна заштита при несовесно работење. Ваквите промени може да ги изврши само владеачката партија, односно коалиција и токму затоа граѓаните треба многу да внимаваат кому му го даваат својот глас. За жал, кај нас избирачите повеќе се однесуваат како навивачи или клиенти на политичките партии и малку веројатно е дека ќе изберат правилно и во иднина.

Останува уште еден начин за позитивно влијание врз судиите и обвинителите, а тоа е УБК да разговара со нив и да им ги предочи последиците за несовесното работење во службата против државата. Да им помогнат малку да се приберат, да помислат како ќе работаат, ако не сакаат во приказната да се појави некаков нерегистриран камион без светла и со расипани сопирачки. Ваквата метода е сосема легитимна кога се работи за борба против субверзивните активности во државата, како што е корупцијата и несовесното работење во службата. Би можела да се примени и кон самите државни службеници кои потпишале штетни договори. Како и со претходните методи – од која држава ќе обезбедиме такви совесни и непоткупливи службеници?

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK