Градските власти на Мадрид најавија дека наскоро ќе стапи на сила забраната за изнајмување електрични тротинети, по примерот на неколку други големи градови кои донесоа ваква одлука претходно, а сето тоа поради опасноста што таквите транспортни средства претставуваат опасност за безбедноста на пешаците.
„Го одземаме овластувањето на компаниите кои изнајмуваат електрични тротинети на улиците на нашиот град“, објави градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез-Алмеида, во порака на социјалната мрежа Х.
„Наш приоритет е физичкиот интегритет и безбедноста на жителите на Мадрид“, продолжи тој, истакнувајќи дека забраната за употреба треба да стапи на сила во октомври. Три компании во моментов се овластени да изнајмуваат електрични тротинети на улиците на Мадрид.
„Ниту една од компаниите не ги исполни условите што им ги поставивме за да ја гарантираат безбедноста на пешаците, особено на постарите лица“, рече Мартинез-Алмеида. Градските власти ги критикуваа трите компании, особено за недостатокот на гаранции за безбедноста на пешаците и за недостатокот на технологија за спречување на возење и паркирање на забранети места.
Претходно ваквата понуда претставуваше предност за полесен сообраќај во градот, но набрзо се појавија критики поради се почестите сообраќајни несреќи.
Париз, Монтреал, Лас Вегас и Њу Орлеанс досега го забранија изнајмувањето на електрични тротиенти, додека Барселона, Торонто и Њујорк никогаш не дале зелено светло за нив. Голем број други градови воведоа различни ограничувања, намалувајќи го бројот на такви возила, ограничувајќи ја максималната брзина или забранија тротинети на тротоарите.