За неполни 24 часа се случија две мафијашки пресметки во Скопје, медиумите пренесуваат дека едно лице е убиено утрово на паркингот кај Мавровка, а во синоќешното пукање во Сингелиќ има повредени, се истакнува во соопштението на СДСМ.
Граѓаните, според оваа партија се вознемирени и се чуствуваат небезбедно. Ваквите пресметки, како што оценуваат во СДСМ, стануваат секојдневие бидејќи МВР и Тошковски не успеваат да ги најдат сторителите и да ги расчистуваат случаите.
„За потсетување, во мандатот на Тошковски имаше три убиства и три обиди за убиства а разрешница имаше само за еден случај. Неспособноста на власта на Мицкоски Македонија ја претвори во Див Запад.
Криминалните банди буквално хараат, криминалците бегаат од затворите кои се како хотел Промаја, а граѓаните стравуваат за својата безбедност.
Нема скандал во изминатите 3 месеци а да не е поврзан со Тошковски и МВР“, нагласуваат во опозициската партија.
Тошковски, според нив е најнеспособниот министер за внатрешни работи и веднаш треба да си даде оставка.