Ердоган: Свеченото отворање на ОИ е морална навреда за христијаните и за нас

Untitled-16.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган оцени дека е извршен неморал против христијанскиот свет за време на церемонијата на отворањето на Олимписките игри (ОИ) во Париз и додаде дека сака да разговара за оваа тема со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско.


„Ќе го повикам папата во првата прилика да го споделам со него неморалот извршен против христијанскиот свет и сите христијани. Олимписките игри беа искористени како алатка за изопаченост која ја расипува човековата природа“, рече Ердоган.

Сцената со трансвестити околу масата која потсетува на сликата на Леонардо да Винчи „Тајната вечера“ предизвика бес од екстремната десница во Франција и Италија, но и кај многу христијани ширум светот.

Многумина таа сцена прикажана во богатата програма на свеченото отворање на Олимписките игри на 26 јули во Париз ја сметаат за исмејување на христијанството и Исус Христос.

Ердоган, кој првично го најави своето доаѓање во Париз на 26 и 27 јули, пред да се премисли, го оправда своето отсуство со тврдењето дека неговата внука го предупредила.

„Францускиот претседател Емануел Макрон ме покани. Реков дека можам да дојдам. Но, мојата 13-годишна внука ми рече да не одам и дека таму ќе организираат настан на ЛГБТ заедницата. Таа ми покажа слики од Инстаграм“, рече Ердоган, додека деталите за церемонијата на отворање на Олимпијадата беа чувани во тајност до самиот почеток.

Ердоган рече дека спортскиот настан што треба да ги обедини луѓето е отворен „со непријателски однос кон вредностите на хуманоста“.

„Она што беше направено во Париз е проект кој има за цел да ги спушти луѓето на пониско ниво од животните“, додаде Ердоган, исламско-конзервативен претседател кој редовно ја критикува ЛГБТ заедницата, рече дека меѓународното влијание на ОИ било искористено на „одвратен начин“, а целта на сето тоа биле децата кои се невини суштества.

„Срамната сцена во Париз не го навреди само католичкиот и христијанскиот свет, туку и нас. Револтирани сме и ја цениме оправданата реакција на унгарскиот премиер, господинот Орбан“, додаде тој.

Турскиот јавен сервис „ТРТ Спор“, ја емитуваше речиси целата церемонија на отворањето на ОИ во Париз, вклучувајќи ја и сцената со травестити. ТРТ по таа сцена го прекина преносот во живо, што предизвика револт кај голем број гледачи на социјалните мрежи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK