Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркуш.
На средбата се разговараше за севкупните билатерални односи и можностите за унапредување на соработката во различни области од заемен интерес.
Претседателката истакна дека билатералните односи се карактеризираат со пријателство и разбирање оценувајќи дека меѓу двете земји постојат силни културни врски поради наследството на светите браќа Кирил и Методиј.
Нагласувајќи дека годинава се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со Словачка, претседателката Сиљановска Давкова се заблагодари за принципиелната поддршка од Словачка и од Вишеградската група како традиционален поддржувач на македонските евроинтеграции и посветен партнер во НАТО.
Во насока на продлабочување на соработката во области од заемен интерес, pретседателката истакна дека е видлив растот на трговската размена за којашто постои можност во наредниот период да постигне поголеми резултати со заеднички ангажман од двете страни.
Таа нагласи дека од особен интерес е и интензивирањето на билатералниот политички дијалог.