Израел е подготвен за секаква акција што може да биде потребна во Газа, Либан и дополнителни области, изјави израелскиот министер за одбрана Јоав Галант пред посетата на САД.
„САД се нашиот најважен и централен сојузник. Нашите врски се клучни и сега можеби поважни од кога било“, рече Галант во услови на тензии во односите со владата на американскиот претседател Џо Бајден.
Галант патува во САД на покана на неговиот американски колега Лојд Остин. Тој во Вашингтон ќе разговара и за ситуацијата во Газа и тензиите на северната граница на Израел со Либан со американскиот шеф на дипломатијата Антони Блинкен.
Америка целосно ќе го поддржи Израел во случај на војна со Хезболах
Си-Ен-Ен претходно објави дека членовите на долниот дом на американскиот Конгрес ѝ кажале на израелската делегација дека САД целосно ќе го поддржат Израел во случај на отворена војна со Хезболах.
Осуммесечниот конфликт на границата со Либан неодамна се интензивираше, поттикнувајќи ги стравувањата од проширување на војната и вовлекувајќи ги Иран и САД во конфликтот.
Хезболах оваа недела објави деветминутно видео од неговиот дрон како лета над израелското пристаниште Хаифа, што наиде на жестоки реакции од израелското раководство.
Министерот за надворешни работи, Израел Кац, напиша на платформата „Икс“ дека Израел е „многу блиску до моментот на одлука за промена на правилата против Хезболах и Либан“.
„Државата Израел ќе ја плати цената на фронтот и дома, но со силна и обединета нација и целосна сила на израелската армија, ќе ја вратиме безбедноста на жителите на северот“, додаде тој.
Се закани шефот на Хезболах
Шефот на Хезболах, Хасан Насрала, по објавувањето на снимката од дрон, му се закани на јужниот сосед со борба „без граници и без правила“ доколку Израел продолжи да го шири сегашниот конфликт. Насрал, исто така, му се закани на Кипар во случај островската држава и членка на ЕУ да ги отстапи своите воени локации на Израел за напади.
Посетата на Галант на САД доаѓа во време на зголемени тензии меѓу израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американската влада, откако Нетанјаху ги критикуваше САД за задржување на испораките на оружје.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, го опиша видеото на Нетанјаху како „во најмала рака збунувачко, но секако разочарувачко“ за нив.