Рускиот претседател Владимир Путин го одобри потпишувањето на Сеопфатниот договор за стратешко партнерство меѓу Руската Федерација и Демократска Народна Република Кореја.
„Да се прифати предлогот на Министерството за надворешни работи на Русија, во координација со заинтересираните тела и организации на сојузната влада, за потпишување на Сеопфатниот договор за стратешко партнерство меѓу Руската Федерација и Демократска Народна Република Кореја“, се наведува во документот, пренесува Интерфакс Русија.
На руското Министерство за надворешни работи му е дозволено да направи измени во својот нацрт кои не се од суштинска природа за време на преговорите за потпишување на Договорот, наведува агенцијата.
Путин денеска ќе пристигне во официјална посета на Пјонгјанг, на покана на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Во целата историја на билатералните односи, ова е второ патување на шефот на руската држава во Северна Кореја, кој првпат ја посети земјата во 2000 година, јави Интерфакс. Посетата на рускиот претседател ќе трае два дена, а главниот ден е 19 јуни.