Унгарија ќе мора да плати казна од 200 милиони евра поради непримена на промените во политиката за третман на мигрантите и барателите на азил, објави денеска највисокиот суд на ЕУ, Европскиот суд на правдата.
Судот наведе дека Унгарија, која претходно одби да ја спроведе судската одлука од 2020 година, исто така ќе мора да плаќа казна од еден милион евра дневно додека целосно не ги спроведе предвидените мерки, пренесе Ројтерс.
Судот на ЕУ укажува дека Унгарија не презела мерки за почитување на пресудата од 2020 година во однос на правата на барателите за меѓународна заштита да останат во Унгарија до конечната одлука по нивната жалба против одбивањето на нивната апликација.
„Тој пропуст, кој се состои во намерно избегнување на примената на заедничката политика на ЕУ во целина, е чин без преседан и претставува исклучително сериозно кршење на правото на ЕУ“, се вели во денешната судска пресуда.
Унгарската влада претходно тврдеше дека пресудата од 2020 година е оспорена бидејќи веќе ги затворила т.н. транзитни зони и ги заостри правилата кои забрануваат идни барања за азил.
Според сегашното унгарско законодавство, мигрантите можат да аплицираат за азил само надвор од границите на Унгарија во нејзините амбасади во соседна Србија или Украина.
Орбан во 2021 година рече дека Унгарија ќе го задржи постоечкиот режим кон барателите на азил дури и по одлуката на судот на ЕУ од 2020 година.
Европската комисија (ЕК) поднесе втора жалба против Унгарија до Судот на ЕУ на почетокот на 2022 година, во која се наведува дека Унгарија не ги презела сите неопходни мерки за да се усогласи со пресудата од 2020 година, пренесува Танјуг.