Авионот на „Аустриан ерлајнс“ е оштетен во големо невреме но нема повредени патници кои летале за Виена, пренесуваат медиумите во регионот.
Во неделата силен град оштетил авион на „Аустриан ерлајнс“ кој летал од Палма де Мајорка за Виена. Патниците биле погодени од град непосредно пред слетувањето на аеродромот во Виена, а оштетени биле ‘носот’ на авионот и прозорците на пилотската кабина. Пилотите успешно слетале и немало повредени, пренесува „Times Now“.
„Аустриан ерлајнс“ потврди дека Ербасот А320 на летот OS434 од Палма де Мајорка до Виена бил оштетен од град. Авионот налетал на бура недалеку од Виена која не била видлива на метеоролошкиот радар, велат пилотите. Градот оштетил две ветробрански стакла во пилотската кабина, ‘носот’ на авионот и некои капаци.
Поради штетата бил испратен повик за помош, но и покрај ова, авионот успешно слетал на аеродромот Виена – Швехат. Сите патници и членови на екипажот пристигнале во Виена неповредени. Летот бил изведен со авион стар 23 години и траел два часа.
Метеоролозите од Neurja.si исто така го коментираа инцидентот на својот Фејсбук, велејќи дека авионот прелетал директно низ една од суперќелиските бури што се случија вчера.