„Несанкционираното самоволие на неколку локални моќници во Охрид и натаму продолжува. Со одобрение на градоначалникот Кирил Пецаков, локалната власт и Владата предводена од ДПМНЕ, продолжува и бетонската узурпација на охридското крајбрежје“, соопштуваат од партијата Левица.
„Охридското езеро, градот Охрид и статусот за заштита на УНЕСКО, денес се загрозени повеќе од било кога. Урбаната мафија продолжува да ужива во своите можности за напредок на бизнисите и остварување на поголем капитал за време на летната сезона, а инспекторите вклучени во организираната корупција уживаат во комфорна зона во нивните удобни фотелји.
Земаме предвид дека секоја страна има своја верзија, така што сакаме да слушнеме верзија и од надлежните институции, како овие овие моќници можат да узурпираат и со тоа да остваруваат профити, а езерото да биде заробеник на интересите на поединци.
За потсетување, пред неколку месеца, Политичката партија Левица реагираше за градежни зафати на самиот езерски брег кај Канео, за што и поднесе Иницијатива за вршење вонреден инспекциски надзор. Од службата тогаш добивме одговор дека се гради од „непознат сторител“. Овие денови сме сведоци дека и пред плажата пред Хотел ,,Аквалина”, исто така, „непознати инвеститори“ го прошируваат брегот.
Бараме одговорност за градоначалникот Пецаков и инспекциските служби кои работат спротивно на Законот и препораките на УНЕСКО со што ја злоупотребуваат службената положба“, се додава во соопштението на партијата Левица.