Рускиот претседател Владимир Путин ќе ги посети Северна Кореја и Виетнам во наредните недели, објави весникот „Ведомости“, повикувајќи се на дипломатски извор.
Рускиот амбасадор во Северна Кореја, Александар Мачегора, за „Ведомости“ потврди дека посетата на претседателот на Пјонгјанг ќе се случи и дека тој „активно се подготвува“.
Весникот напиша дека Путин би можел да го посети Виетнам веќе во јуни, најверојатно веднаш по посетата на Северна Кореја.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ја посети Русија минатиот септември на разговори со Путин. Тој го посети рускиот космодром Восточни на Далечниот исток, а Путин вети дека ќе и помогне на Северна Кореја да изгради сателити.
Кремљ соопшти дека Русија сака да изгради партнерство со Северна Кореја „во сите области“, но сè уште не го потврди датумот за посетата.
Русија ги зајакна своите врски со Северна Кореја и други земји непријателски настроени кон САД, како што е Иран, откако ја започна војната против Украина, а зајакнувањето на тие врски е извор на загриженост за Западот.
Во јануари, САД и Украина ја обвинија Русија дека користи севернокорејски балистички ракети со краток дострел во нејзините напади врз Украина, што Русија одби да го потврди или негира.
Ведомости објави дека Путин и Ким може да разговараат за увоз на работници мигранти од Северна Кореја. Русија се соочува со акутен недостиг на работна сила поради војната во Украина, бидејќи стотици илјади мажи се регрутирани или заминаа во странство за да избегнат мобилизација.
Единствената посета на Путин на Северна Кореја беше во 2000 година, неговата прва година како претседател.
Ведомости цитираше руски трговски претставник во Виетнам минатиот месец дека главното трговско прашање меѓу двете земји е банкарската инфраструктура за трансфери на пари.