Законот за организација и работа на органите на државната управа, претставува системски закон и преку овие измени, се менува организацијата и работата на Владата и министерствата, чија работа има директно влијание врз милиони судбини, велат од Левица.
Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, побара тргање од Дневниот ред на точката преку која мнозинството се обидува да прошверцува системски закон.
– Прво, основниот закон кој се планира да се менува има 73 члена. Предлогот на Мицкоски предвидува измена на 26 од тие 73 члена. Измена на една третина од основниот закон не може да се третира како едноставна и мала работа, туку како обемна и сложена, потенцираше народниот пратеник од Левица, Сашко Јанчев, од собраниската говорница на втората седница.
– Второ, со предлогот на Мицкоски се предвидува интервенција во половина од постоечките министерства и тоа бришење на надлежности, одземање на надлежности од еден ресор и додавање во друг, а се предвидуваат и четири нови министерства, истакна Сашко Јанчев.
– Трето, Уставот предвидува различни мнозинства за носење на закони, врз основа на битноста и материјата која ја уредуваат законите. Па така постои најмало мнозинство, тоа е обично мнозинство, средно односно апсолутно мнозинство и најголемото, а тоа е дво-третинско мнозинство, додаде Јанчев од Левица.