„Пред изборите кои поминаа ветивме функционална и правна држава, ефикасна влада која ќе спроведе реформи и ќе го подобри животот на сите граѓани во Македонија. Суштината поради која граѓаните ни дадоа огромна доверба не се оние прашања кои што во изминатиот период беа дел од јавното мислење, кој каква заклетва дал, што кажал, кој кому нешто направил, зошто се скарал со оној итн. Туку суштината е политиките кои што треба идната Влада да ги спроведе и да ги реализира треба да донесат владеење на правото, сите оние кои што се огрешиле пред законот да одговараат пред истиот, да нема повеќе граѓани од прв ред малкумина, и многумина граѓани од втор и понизок ред како што беше што би рекол еден политичар како до сега. Да донесеме реформи во економијата, да го подобриме стандардот на граѓаните и условите во образованието, за да може секое дете на први септември да има вистински учебник пред себе, а не да се водат забелешки или да се добиваат скрипти како што беше пред неколку декади. Во здравството да не ни се случува тоа што денеска ни се случува, пациентите да ни умираат по ходниците. Да се спроведуваат реформи и за земјоделците, младите дома да ги задржиме, повисоки пензии за пензионерите. И сето тоа кое што го ветувавме за време на изборите да стане реалност и секојдневие во нашата држава“, кажа на денешната прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„За да го направиме ова ни треба добра организација на владата. Врз основа на Членот 71 став 1 од Уставот и врз основа на членовите 139, 144 и 175 од собранискиот Деловник поднесувам Предлог на закон за измена на Законот за организација и работа на органите на државната управа, по скратена постапка.
Имено во Членот 71 став 1 од Уставот како и членовите 139 и 144 од Деловникот е уредено дека право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата и најмалку 10.000 избирачи. Додека пак со Членот 175 од Деловникот на Собранието е уредено дека Предлагачот на предлогот на закон може да му предложи на Собранието да расправа по истиот по скратена постапка.
Ја барам поддршката од сите пратеници во македонскиот парламент без исклучок на која политичка партија припаѓаат, а легитимитетот и легалитетот на ова барање го темелам на изборниот резултат од пред неколку недели кога коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ и новиот претседател професорката Гордана Сиљановска Давкова освоија 436.000 гласови, односно 561.000 гласови. Легитимитетот од страна на граѓаните е јасен, кредибилитетот и легалитетот е исто така јасен.
Ова беше исто така изборно ветување идентично на она коешто го дадовме дека идната влада на коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прави заедно со опозициските партии тогаш кои што беа, а денеска ќе бидат дел и веќе се дел од новото владино мнозинство. Тоа го говоревме за време на кампањата исто така говоревме и за реорганизација на ресорите во рамки на владата. Јас би сакал уште еднаш да повторам, што е она што овој закон го опфаќа, каква е таа реорганизација, би сакал накратко да ве запознаам вас медиумите и нормално граѓаните и македонската јавност.
Имено со овој нов закон кој веќе е доставен до архивата, се предвидува да бидат формирани или реорганизирани определен број на министерства во рамките на самата влада и тоа ќе започнам со министерството за економија и труд кое практично ќе биде министерство кое ќе ги опфаќа дел од ингеренциите на старото министерство за економија, а на тоа министерство ќе му биде додаде сегментот труд за да можат работодавачите и работниците да бидат во едно место и на тоа место заедно да ги реализираат своите права, дијалог и така натаму. Така што министерството за социјална политика и труд кое беше досега, ќе биде сега министерство за социјална политика, демографија и млади. Агенцијата за млади и спорт која постоеше досега нема да постои и ќе имаме посебно министерство за спорт.
Исто така дел од надлежностите кои ги имаше досега министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на новото формирано министерство, а тоа е министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
Дел од ингеренциите кои што ги имаше министерството за економија посебно во делот на туризмот ќе бидат сега присоединети до новото министерство, министерството за култура и туризам.
Ќе имаме ново министерство кое што ќе има задача да спроведе еден многу важен проект кој што ќе ја зголеми транспарентноста, владеењето на правото ќе ја намали основаното сомневање за корупција во рамките на администрацијата тоа е новоформираното министерство за дигитализација кое што во суштина ќе ги наследи обврските кој што ги имаше досегашното министерство за информатичка технологија и администрација.
Ќе имаме исто така ново министерство тоа е министерството за администрација така што мислам дека со една ваква реорганизација ќе добиеме една ефикасност ќе добиеме осовременување на самата влада и ќе добиеме пред се она кое што го ветувавме за време на кампањата а тоа е да го подобриме животот и стандардот на сите граѓани во Македонија без разлика на нивната политичка и партиска припадност.
Затоа уште еднаш би сакал да ја искористам оваа можност да се обратам до сите пратеници во македонскиот парламент да го поддржат овој закон затоа што на овој начин ќе покажеме дека не живееме во стереотипи стереотипите се минато и дека сите заеднички имаме една цел а тоа е како да направиме подобро место за нашите сограѓани за живеење.
Ќе повторам кредибилитетот легитимитетот го дадоа повеќе од половина милион гласачи на последните парламентарни и претседателски избори на кои што јасно беше ставено на знаење што се очекува од нас политичарите и од идната влада, а тоа се пред се подобри услови за живот и реформи во секоја област и да не биде како онаа познатата како до сега“, изјави Мицкоски.