Изборните резултати ја клекнаа СДСМ на колена, но под мое раководство повторно ќе биде победничка партија: Филипче поднесе кандидатура за претседател

filipce1.png
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче денеска ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ.

„Ова е убав ден за демократијата. Овој ден означува симболично почеток на реформа и на промена во партијата. Ќе поднесам и програма во која се напишани основните постулати на тоа како, доколку бидам избран за претседател ќе работам, тоа е: посветено, професионално со целата моја енергија и знаење. Во оваа трка влегувам сам, немам никавки преговори со никого“, нагласи Филипче.

Оцени дека не треба да се потпишуваат некакви изјави, како што тоа некој го предлага.

„Тимот треба секој сам да го состави, а не од почеток да се прават поделби и да се поставуваат некакви правила. Треба да имаме фер-плеј и за тоа ќе разговарам со сите кои ќе се кандидираат за лидерската функција, со цел кој и да победи да имаме соработка и разбирање“, рече Филипче и појасни дека ниеден член на СДСМ нема да биде оставен по страна и вети дека ќе биде отворен и достапен за секој член.

Потенцира дека доколку биде избран за претседател на партијата ниту еден член на партијата нема да остане на страна, несослушан, а на тие кои ќе бидат дел од тимот, им порача дека ќе имаат многу работа.

„Изборните резултати ја клекнаа СДСМ на колена, некои го поставуваат прашањето дали партијата воопшто ќе опстои. Но сметам дека не само што со мое раководење СДСМ ќе опстои, туку повторно ќе биде победничка партија. Ги повикувам сите што имаат ентузијазам да работат, да ни се приклучат и да дадат придонес“, рече Филипче.

На прашањето за поддршката од другите членови во партијата или конкретно од Зоран Заев и дали смета дека тој ќе биде во неговата сенка, Филипче кажа дека слушнал такви коментари и истакна:

„Доколку бидам претседател, за кратко време ќе докажам дека ќе владеам со мојот интегритет и достоинство. Тоа што имам одлични релации со Заев говори за мене, зашто имам такви добри релации и со други сегашни и поранешни функционери и со членството, а тие се главни предуслови, обединувањето да се случи многу брзо“.

На прашањето зошто се кандидирал, одговори дека оценил дека ги разбрал пораките од членовите на партијата и дека знае како да одговори на предизвикот.

„Имам одлична комуникација со сите членови и сметам дека е тоа еден од факторите за брзо обединување во партијата. Сите размислувања ќе бидат вградени во програмата. Членството ќе почувствува дека е дел од раководењето со партијата. Ќе се либерализира и изборот на раководни кадри на локално ниво“.

Рокот за доставување на кандидатури истекува утре, а изборот на нов претседател на СДСМ е закажан за 30 јуни.

Свои кандидатури денеска се очекува да поднесат и поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка, Славјанка Петровска и актуелниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK