Педофилите прогласени за виновни за сексуално злосторство врз дете во американската сојузна држава Луизијана наскоро, покрај затворската казна, би можеле да бидат подложени и на хируршка кастрација, пишува „Sky News“.
Политичарите од Луизијана вчера го одобрија нацрт-законот кој ќе им овозможи на судиите да издаваат налози за осудените за одредени тешки сексуални злосторства против деца помлади од 13 години.
Доколку предлогот стане закон, тој ќе важи само за мажи и жени чие кривично дело се случило на или по 1 август годинава.
Од 2008 година, судиите во Луизијана имаат овластување да им наредат на осудените за такви злосторства да се подложат на хемиска кастрација. Овој метод вклучува употреба на лекови кои го блокираат производството на полови хормони за да го намалат либидото.
Хируршката кастрација е многу поинвазивна процедура. Неколку други држави, вклучувајќи ги Калифорнија, Флорида и Тексас, исто така веќе имаат закони кои дозволуваат казнување на хемиската кастрација.
Во некои од овие земји, прекршителите можат да се одлучат за операција доколку сакаат.
Предлог-законот вчера доби огромна поддршка во двата дома во кои доминираат републиканците. Гласовите против законот дојдоа најмногу од демократите, но автор на оваа мерка е политичар од Демократската партија.
Предлог-законот сега оди на масата на конзервативниот гувернер Џеф Ландри, кој ќе одлучи дали ќе го потпише како закон или ќе стави вето. Во Луизијана во моментов се затворени 2.224 лица за сексуални злосторства врз деца помлади од 13 години.
Демократката Регина Бароу, рече дека усвојувањето на законот е чекор напред во казнувањето на ужасните злосторства. Таа се надева дека законот ќе послужи како средство за спречување на ваквите злосторства врз децата.
„Зборуваме за бебиња кои се злоставувани од некого. Тоа е неоправдано“, рече Бароу за време на состанокот на одборот во април, според „Скај њуз“.
Додека кастрацијата често се поврзува со мажи, Бароу рече дека законот може да важи и за жените. Таа нагласи и дека казните ќе се засноваат на поединечни случаи.